Околу 1.000 нови случаи на рак на дојка годишно се регистрираат во Македонија, а бројот на жени кои во моментов се лекуваат или веќе поминале низ лекување е околу 7.000. Податоците беа соопштени на „Розовиот пикник појадок“ во Паркот кај Школка, настан организиран од ХЕМА-ОНКО, каде главната порака беше дека раното откривање може да биде пресудно за исходот од болеста.
Министерот за здравство Сашо Клековски порача дека подигнувањето на свеста за ракот на дојка останува приоритет, но истовремено призна дека системот за навремено откривање има сериозен проблем. Скрининг-програмата за рак на дојка, според извештај на Државниот завод за ревизија, не ги дава очекуваните резултати, поради што Министерството најавува промена на концептот.
„Мораме комплетно да го премислиме концептот и се надевам многу бргу заедно со ХЕМА-ОНКО ќе промовираме нов концепт за скрининг-програмата“, рече Клековски.
Најавата доаѓа во период кога раното откривање останува еден од клучните предизвици во борбата против ракот на дојка. Од ХЕМА-ОНКО посочуваат дека редовното следење на здравјето и навременото реагирање можат значително да ја зголемат можноста за успешно лекување, особено кога болеста е откриена во рана фаза.
Ана Марјановиќ од ХЕМА-ОНКО нагласи дека кај жените кај кои ракот на дојка е откриен навреме, стапката на преживување може да надмине 99 проценти. Таа порача дека подигнувањето на свеста и раната дијагностика се меѓу најважните алатки во борбата со болеста, но и дека жените треба да имаат функционален здравствен систем на кој можат да се потпрат.
Државата најавува промени и во достапноста на терапијата
Клековски информираше и дека два лека за рак на дојка се ставени на позитивната листа. Тоа значи дека пациентките кои ги користат како хронична терапија можат да ги подигнуваат во аптеките, наместо за секое подигнување да одат во Клиниката за онкологија.
Според министерот, снабдувањето со терапија во моментов е стабилно, но Министерството за здравство анализира дополнителни мерки за да се спречат можни прекини во испораката на лековите. Покрај терапијата, тој се осврна и на реконструктивните зафати по операцијата, за кои од минатата година е обезбедена дополнителна финансиска поддршка за Клиниката за торакална хирургија и Клиниката за пластична хирургија.
„За нас тоа не е само естетско прашање, туку прашање на психофизичкото здравје и квалитетот на живот на жените кои се соочиле со оваа болест“, нагласи Клековски.
Од самопреглед до тумор-борд
Од ХЕМА-ОНКО посочуваат дека, покрај системскиот скрининг, важно е жените да го познаваат сопственото тело и да реагираат кога ќе забележат промена. Марјановиќ вели дека иако во моментов државата нема функционална скрининг-програма, редовните самопрегледи можат да помогнат промените да се забележат навреме и жената побрзо да побара лекарска помош.
Во меѓувреме, годинава е воведен и тумор-борд за рак на дојка, што од ХЕМА-ОНКО го оценуваат како значаен чекор во подобрувањето на третманот. Наместо одлуката за терапијата да ја носи еден лекар, за пациентката треба да одлучува мултидисциплинарен тим во кој учествуваат онколози, торакални хирурзи, радиолози и патолози.
Марјановиќ изрази надеж дека следната година во работата на тимот ќе биде вклучена и Клиниката за пластична хирургија. Целта е пациентките уште од почетокот на лекувањето да добијат поквалитетна физичка и психолошка поддршка.
„Не се повлекувајте во себе“
На настанот зборуваа и жени кои лично се соочиле со болеста. Марина Камберска, која осум и пол години живее со дијагноза рак на дојка, порача пациентките да не се изолираат и да не остануваат сами со стравот, туку да разговараат отворено за болеста и да бараат поддршка.
Таа нагласи дека споделувањето на искуствата со други жени кои поминале низ слична борба може да биде значајна поддршка во текот на лекувањето. Истовремено, упати апел до жените редовно да ги проверуваат дојките и да не ги игнорираат промените што ги забележуваат на своето тело.
Тереза Балаловска, која се лекува од рак на дојка од 2019 година, зборуваше за потребата болеста да престане да биде тема за која се молчи. Таа раскажа дека ракот го открила сама преку самопреглед, по што, со поддршка од матичниот лекар, започнале испитувањата што довеле до дијагнозата.
Патот низ лекувањето, вели Балаловска, е тежок и неизвесен, особено во првите моменти по добивањето на дијагнозата, кога стравот и неизвесноста ги преплавуваат пациентите. Откако болеста повторно се појавила кај неа во 2024 година, таа, како што вели, станала уште поактивна во подигнувањето на свеста за ракот на дојка.
Според неа, болеста често влегува тивко во животот на едно семејство и не мора секогаш да започне со јасни симптоми. Затоа, здравствената култура, редовните прегледи и отворениот разговор за ракот на дојка се важни не само за раното откривање, туку и за навременото започнување на лекувањето.
Пораката од „Розовиот пикник појадок“ е дека борбата против ракот на дојка не завршува со подигнување на свеста. Потребни се функционален скрининг, навремена дијагностика, достапна терапија и тимски пристап кон лекувањето, но и систем во кој жените нема да мораат сами да се снаоѓаат кога ќе се соочат со дијагнозата.
