На 12 јули, со гала концертот „Љубов“ на светски познатата оперска дива Ермонела Јахо од Албанија и американскиот тенор Чарлс Кастроново, свечено ќе биде отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи на Античкиот театар во Охрид, под диригентската палка на италијанскиот маестро Марко Боеми, во придружба на Националната опера и балет.

Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, истакна дека фестивалот повеќе од шест децении претставува симбол на културната традиција и меѓународната уметничка соработка.
„Охридско лето не е само фестивал, туку традиција, вредност и мост што ги поврзува културите, народите и генерациите. Чест е да се биде дел од оваа приказна која ја збогатува културната мапа на Македонија и Европа“, рече Цуцковски.

Во текот на 40 фестивалски денови ќе бидат реализирани околу 50 настани од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот, со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји.
Годинава ќе бидат одбележани и два значајни јубилеи – 100 години од раѓањето на оперската дива Ана Липша Тофовиќ и 60 години од основањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Во соработка со дипломатските претставништва во земјава ќе се организираат тематски вечери посветени на Австрија, Шпанија, Велика Британија, Италија, Франција, Холандија, Грција, Словачка, Унгарија, Полска, како и Вечер на Европската Унија.
Фестивалот продолжува и со активности наменети за најмладата публика, преку едукативни програми и музички содржини што ќе се реализираат пред официјалното отворање.