Охрид СОС: Наместо зелени површини, Охрид добива бетон

Од иницијативата реагираат дека во Бејбунар се одзема зелен појас за нови градби, додека градот и натаму нема доволно паркови и урбано зеленило.

Охрид СОС реагира дека во подножјето на Националниот парк Галичица, во некогашниот зелен појас на Бејбунар, забрзано се одзема простор за нови градби, без доволно урбано зеленило и без заштита на преостанатите зелени површини. Од иницијативата посочуваат дека деновиве дел од просторот каде што се наоѓала механизацијата на ЈП „Охридски Комуналец“ е претворен во градилиште, при што, како што наведуваат, се сечат и децениски стебла.

Во реакцијата се потсетува дека Општина Охрид ја има донесено Стратегијата за развој на зеленило 2023–2032, со цел градот да стане одржлив „зелен град“ со квалитетни и атрактивни зелени површини. Но, според Охрид СОС, реалноста на терен е спротивна на стратешките документи, бидејќи наместо нови зелени зони, жителите добиваат сè повеќе бетон.

Од иницијативата наведуваат дека Правилникот за урбанистичко планирање предвидува оптимален стандард од 25 квадратни метри зелена урбана инфраструктура по жител. Според нив, секој жител на Охрид во моментов има само 1,6 квадратни метри зелена површина, што, како што оценуваат, значи дека градот располага со само мал дел од зеленилото што би требало да го има според оптималните стандарди.

Охрид СОС потсетува дека во изминатите 25 години во градот се изградени стотици згради, а биле одземени големи површини зеленило, овоштарници, обработливо земјиште и блатни пространства. Во истиот период, велат од иницијативата, не бил подигнат нов градски парк, нова зелена оаза или рекреативна зона, додека постојните зелени појаси, вклучително и оние долж кејот, постепено се намалуваат за други намени.

Во реакцијата се посочува и дека Охрид, како средно голем град, според препораките треба да има вкупна застапеност на зелени урбани површини од 14 до 20 проценти. Според податоците на Државниот завод за ревизија, на кои се повикува Охрид СОС, процентот на планирано зеленило во актуелниот Генерален урбанистички план на Охрид е под минимумот и изнесува 10,82 проценти.

Иницијативата ја критикува и локалната власт, наведувајќи дека најавите за „зелен и хуман град“ не се реализирани во пракса. Според Охрид СОС, за време на мандатот на градоначалникот Кирил Пецаков се зголемила изградбата на висококатници, додека зелената агенда останала само на ниво на ветување.

Од Охрид СОС предупредуваат дека намалувањето на зеленилото не е само естетски или урбанистички проблем, туку прашање што директно влијае врз квалитетот на живот, загадувањето на воздухот, проветрувањето на градот и можностите за одмор и рекреација на жителите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни