Со свечен гала-концерт на албанската оперска дива Ермонела Јахо и американскиот тенор Чарлс Кастроново, во придружба на Оркестарот на Македонската опера и балет под диригентската палка на маестро Марко Боеми од Италија, синоќа беше отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“ – најзначајната меѓународна музичко-сценска манифестација во Македонија.
Фестивалот годинава носи програма со 48 културни настани и учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји, потврдувајќи го својот углед како една од најреномираните културни манифестации во регионот и Европа. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето обраќање истакна дека „Охридско лето“ не е само фестивал, туку симбол на духовната традиција и доказ дека Македонија отсекогаш ја препознавала културата како стратешка вредност.
„Со институции ја браниме државноста, со труд економијата, со закони демократијата. Но, иднината ја обезбедуваме единствено со културата. Зашто само таа создава траење. Само таа создава припадност. Само таа создава паметење“, порача Љутков.
Тој оцени дека културата е најсилниот чувар на националниот идентитет и основа за достоинствено постоење на државата, нагласувајќи дека вложувањето во уметноста претставува инвестиција во иднината.
Во име на уметниците се обрати оперскиот пејач Игор Дурловски, кој зборуваше за улогата на уметноста во современиот свет.
„Уметноста не може директно да го промени светот, но може да го промени човекот што живее во него. Таа ја менува нашата перцепција, ја буди чувствителноста и нè потсетува на работите што сме ги заборавиле“, истакна Дурловски.
Тој нагласи дека задачата на уметноста денес не е да го „спаси“ светот, туку да спречи човештвото да стане рамнодушно, потсетувајќи дека зад секоја статистика стои човек, зад секоја граница – приказна, а зад секоја разлика, нешто што ги поврзува луѓето. Осврнувајќи се на Македонија, Дурловски рече дека силата на малите држави не се мери со нивната големина, туку со нивното културно наследство, приказните и придонесот кон светската култура.
„Нашата задача е да му кажеме на светот кои сме и да му понудиме нешто што може да го споделиме со сите – нов поглед, ново прашање, нов простор за средба“, порача тој.
Годинешната програма ќе донесе настапи на врвни светски имиња, меѓу кои пијанистот Александер Мелников, виолинистот Стефан Миленковиќ, пијанистката Исата Кане-Мејсон и пијанистот Вадим Холоденко. Љубителите на класичната музика ќе можат да проследат концерти на бројни камерни ансамбли и симфониски оркестри, меѓу кои и Загрепската филхармонија, која ќе настапи со 70 музичари под диригентската палка на Давид Рунц.
За првпат во историјата на фестивалот ќе гостуваат два интернационални симфониски оркестри, меѓу кои и кинескиот симфониски оркестар „Нингбо“.
Значајно место има и драмската програма, која ќе понуди повеќе премиерни и гостински претстави. Публиката ќе ја проследи премиерата на „Татко“ од Флоријан Зелер во режија на Иван Поповски, „Кориолан“ од Вилијам Шекспир во режија на Џон Блондел, како и „Буре барут“ од Дејан Дуковски во режија на Дејан Пројковски, претстава што ќе го затвори фестивалот.
По успешното минатогодишно издание, повторно ќе се реализира и програмата „OH JAZZ“, која носи четири џез-вечери со настапи на светската џез-ѕвезда Нубаја Гарсија, резидентниот артист Петер Сомуа и Националниот џез оркестар на Македонија. Во рамките на фестивалот ќе биде одбележана и 100-годишнината од раѓањето на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ, со промоција на монографија посветена на нејзиниот живот и творештво.
„Охридско лето“ и годинава ќе им даде простор и на младите таленти преку програмите „Rising Stars“ и „Подиум на млади“, продолжувајќи ја својата долгогодишна мисија за поддршка на новите генерации уметници.
Со својата богата програма, меѓународен карактер и шестдецениска традиција, фестивалот уште еднаш го потврдува статусот на Охрид како една од најважните културни дестинации во регионот и Европа.