Search

Охрабруваме пријавување или стимулираме премолчување?

Во раните адолесцентни години мојата перцепција за една романтична врска најмногу се базираше на популарните романтични филмови, кои ја идеализираа љубовта како доволно добра причина за надминување на секое недоразбирање помеѓу партнерите. Мислев дека кога двајца се сакаат, секој проблем се решава со разговор и дека никој не може да те повреди во име на љубовта. Но, подоцна дознав дека не е сè така „розево“. 

Кога започнаа романтичните врски, честопати бев сведок на кавгите на другарка ми со нејзиниот партнер, кои не секогаш се решаваа со разговор. Напротив, за прв пат дознав дека љубомората може да резултира со шлаканица, недоразбирањето со закана, а постојаното контролирање да биде оправдано со зборовите „не ти забранувам за твое лошо, го правам ова бидејќи се грижам за тебе“. Во ситуација кога немаш доволно информации ниту навремена едукација, многу лесно може оваа слика да стане сечија реалност. Оваа лекција ја научив и сама, по потешкиот пат, и токму тоа ми беше поттик да се едуцирам многу повеќе за формите на насилството со кои најчесто се соочуваат жените. Но, ова ми отвори други прашања – што останува за оние кои не се свесни што им се случува? Или, пак, со оние што се свесни, но не гледаат излез?  

Насилството врз жените е појава која не познава национални, општествени или економски граници, но, одредени карактеристики придонесуваат некои жени да се поподложни од останатите. Во нашата држава, тоа се Ромките – жени кои поради штетните традиции и стереотипите честопати немаат право да донесат сопствена одлука за своето образование, кариера, па дури ни за брачниот статус. А, кога жената е целосно зависна од партнерот и неговото семејство во секоја сфера од животот, не би требало да нè изненадува колку е лесно да се влезе во кругот на семејното насилство – и колку е тешко од него да се излезе. 

Уште во 2017 година нашата држава ја ратификуваше Истанбулската конвенција чија главна цел е заштита и превенција од сите форми на насилство врз жените и од семејното насилство. Го имаме и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кој изрично ја определува улогата на секоја од релевантните институции во заштитата и постапувањето по пријавените случаи на насилство. Со други зборови, може да се пофалиме дека имаме солидна теорија, но дали е ова доволно во пракса? Дали надлежните се запознаени со правната рамка, но и сензибилизирани за работа по случаите на насилство? 

Ромките имаат специфична положба во општеството. Секојдневно се соочуваат со интерсекциска дискриминација – поради тоа што се жени и поради тоа што се Ромки – било да станува збор за пристапот до јавни услуги и добра или, пак, во областа на здравствената грижа и образованието.  Истото важи и за центрите за социјална работа каде што Ромките често се соочуваат со непочит и недостоинствено однесување од службените лица – и тоа само поради нивната етничка припадност и социјално-образовниот статус. Иронично, токму оваа институција има клучна улога во случаите на родово-базираното и семејното насилство врз жените. 

Во текот на моето работно искуство со заедницата, многупати наидов на случаи на семејно насилство. Во дел од нив, жените беа запознаени со националната регулатива и беа храбри да се обратат до релевантните институции, дел беа свесни, но се плашеа да преземат нешто, а добар дел од нив воопшто не го препознаваа однесувањето на партнерите како форма на семејно насилство. Иако во првите искуства не можев да разберам зошто стравот од пријавување преовладува над стравот од живеење со насилникот, набрзо ја почувствував немоќта на овие жени – тогаш кога придружував млада Ромка на трнливиот пат кон излезот од насилството. Па така, од прва рака видов колку е „охрабрувачки“ во полициската станица да ги слушнеш зборовите „сега ли најде да го пријавиш… и онака ќе си се вратиш пак кај него“ од страна на службеното лице кое треба да ти биде првиот чекор во заштитата. Или, пак, како е во ситуација кога одвај си спасила „жива глава“ и си избегала без скршен денар, здравствениот работник да бара од тебе да го платиш прегледот за да можеш да го добиеш извештајот за здобиените повреди, иако националната регулатива вели дека овие прегледи се бесплатни за жртвите на семејно насилство. Но, она што најмногу ме ужаснува е кога надлежните се однесуваат кон Ромките како да го заслужиле таквиот третман само затоа што се Ромки и затоа што тоа било нормално во нивната заедница.  

Причината поради која голем број на Ромки одлучуваат да го премолчат насилството лежи во недовербата во институциите. Токму поради нефункционалноста на системот, кој жената жртва на насилство ја остава со чувство на беспомошност и препуштеност на самата себе, голем дел од жените трпат и траат. Затоа, јасно ми е дека животот не е романтичен филм – но, исто толку ми е јасно и дека кога нештата не можат да се решат со разговор, државата и општеството имаат одговорност да се погрижат за среќниот крај.

Авторката е правничка и проектна координаторка во ХЕРА

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни