Search

Квир авторите мора да бидат препознаени и валоризирани бидејќи живееме во хомофобични општества

Во Скопје се одржа настан посветен на квир литературата како резултат на соработка меѓу организации од Косово и Македонија. На настанот со наслов „Од страници до напредок: квир литература во Западен Балкан“ говореа неколку панелисти кои на еден или на друг начин се засегнати по ова прашање.

Стефан Алијевиќ, автор од Македонија, истакна дека ако во една книга има геј лик тоа не е доволно само по себе, не нужно значи дека делото е квир. Квир е многу повеќе, многу подлабоко. Не постојат кај нас многу издавачи кои се свесни за овој тип литература, и кои се заинтересирани за квир литература. Многу од нив  се резервирани на оваа тема, дали треба да промовираат и издаваат ваков тип литература, ама ако сакаат да се заглавени во 1995 ок, тоа е нивен избор. Кај нас постои страв од лабелизација, се плашат луѓето од ова бидејќи сметаат дека на тој начин нивната работа ќе биде девалоризирана.

Арбер Селмани кој е поет, новинар, истражувач од Косово почнал да пишува за мажи кога имал 18 или 19 и веќе 15 години тоа го прави. Нема дефиниција за тоа што е квир, а верува дека нема ни светот за тоа, а тоа за него е прекрасно. Квир литературата оди против се она што е претставено во литературата, против сите правила и се она што сакаме да го кажеме преку неа. Доаѓаме од западен Балкан каде најдобрите автори се скоро секогаш мажи, протагонистите за кои обично пишуваат се мажи, за жените малку се пишува и има навистина голема доза на хетеронормативи во сѐ она кое што го читаме. Јас секогаш сакав да пишувам за нешто друго и тоа многу поинаку. Не сум дел од ЛГБТ движењето, туку пишувам квир затоа што сакам тоа да го пишувам. Има нов бран на луѓе кои пишуваат на неконвенционален начин, без граници и мислат надвор од кутијата. Јас пишувам поезија и ако луѓето ја препознаваат како квир , уште подобро, ама за мене тоа се чувства кои морам да ги изнесам. Читам многу патетична поезија од авторите на фејсбук и инстаграм ама не пишувам таква. Не сакам да бидам препознаен дека пишувам патетична поезија. Квир поезија не е воопшто патетична. Не сакам да бидам категоризиран, сакам само да пишувам.

Грација Атанасовска, авторка и преведувачка, истакна дека квир литературата отсекогаш постоела само не била категоризирана така. „„Некогаш и во некој антички текст можеме да насетиме дека се работи за нешто слично, дури и во Гилгамеш постојат таков тип хомоеротични врски“, изјави таа.

„Јас не сум како другите граѓани и немам никаков проблем со тоа. Мојата литература е за отворање нови хоризонти, за новиот свет кој допрва доаѓа, за реконструкција на општеството, за деконструкција на свеста“, кажа Уреса Ахмети, активистка, писателка, перформанс уметник и гласен феминист.

Поразговаравме со Дардан Хоти, организаторот од Косово на тема квир и како дошле до идеја да се вмрежуваат со други квир автори од регионот.

Трн: Дали овој настан е прв кој го организирате во Скопје?

Дардан: Да, ова е прв настан што го организираме тука, како продолжение на оние што ги правиме во Приштина. Овој настан е во склоп на проектот кој го почнавме минатата година. Создадовме дата база за квир литература и организираме настани за квир литература и како оваа литература срамежливо се пробива низ Балканот. Ова сѐ настана бидејќи увидовме дека има голема празнина на оваа тема, а исто така не постојат ни дискусии за оваа маргинализирана група автори. По истражувањето увидовме дека не постои никаква конекција меѓу квир авторите од Балканот. Заради тоа додјдовме до идеја да соработуваме со организација во Македонија, но исто така во иднина планираме соработки со Албанија, Србија, Црна Гора.

Трн: Дали има квир автори во Косово?

Дардан: Да, секако. Тие имаат објавено многу книги. Некои од нив се се уште заклучени во плакарот и одат со псевдоними бидејќи не сакаат да ги препознаат како квир автори, бидејќи Косово е многу хомофобично општество, како што е гору долу ситуацијата со цел Балкан.

Дали има издавачи кои се заинтересирани да издаваат квир литература?

Дардан: Да, има. Откако го почнавме проектот минатата година, имаме двајца квир автори, кои дојдоа лани во нашата организација Секхтет за да преку неа ги издадат своите книги?

Значи нема опструкција од косовските издавачи?

Дардан: Зависи. Во Косово ако сакаш да издадеш книга, или одиш индивидуално и за сѐ си плаќаш сам или одиш преку издавач. Се уште е рано да се каже дали има или нема опструкција со оглед на тоа што државата е многу млада, меѓутоа ние секако се бориме да нема.

Дали понатаму соработката ќе вклучува преводи на квир наслови од македонски на албански и обратно?

Дардан: Секако, како дел од овој проект вклучени се и преводи на овој тип литература и тоа поеми, романи и слично. Ќе имаме неколку автори кои ќе ги издадеме од македонски на албански и од албански на македонски. Овие наслови ќе излезат на крај  на јуни.

Зошто е важно да се создава ваков тип литература?

Дардан: Важно е бидејќи мора да биде препознаена и квир авторите треба да бидат препознени како квир бидејќи се исто толку важни како било кои други. Важно е да се направи конекција со другите квир автори, само да се запознаат, да разменат искуства, да си дадат поддршка и да знаат дека не се сами.

Минатиот месец се одржала ваква слична дискусија во Приштина, каде Арбер бил водител, а Калиа Димитрова учествувала како говорник.

Најново

Последни колумни