Search

Зошто нема веќе да молчам за левичарскиот антисемитизам

Пол Мејсон (роден на 23 јануари 1960 година) е британски новинар. Пишува неделна колумна во The New European и месечни колумни за Social Europe и Frankfurter Rundschau. Бил уредник на деловната рубрика на телевизиската програма Newsnight на BBC 2 од 2001 година, и уредник за култура и дигиталните изданија на Channel 4 News од 2013 година, станувајќи економски уредник на програмата во 2014 година. Го напушти Channel 4 во 2016 година. Автор е на неколку книги и визитинг професор на Универзитетот во Вулверхемптон
Фото: TNE/Getty

Автор: Пол Мејсон

На почетокот на месецов моето име се искачи на врвот на популарните теми на X (поранешно Твитер). Тоа траеше помалку од 24 часа, а во илјадниците анонимни објави, од час на час, бев обвинуван дека работам за МИ6, дека сум ционистички агент, дека со своите ставови поттикнувам геноцид, само затоа што на еден мал собир во Брент се спротивставив на наводната левичарка која ширеше антисемитски лаги.

Некаде пред крајот на собирот, една жена од публиката стана и нервозно кажа дека Лабуристичката партија, чиј што член сум, е „израелска организација“, дека Израел го финансира Кир Страмер и дека поддржува и спонзорира и многу други лабуристи. Одговорив дека тоа е антисеметиска теорија на заговор, што не се темели на фактите, по што собирот заврши со вжештена атмосфера.

Најлошиот дел од ова искуство не беше вознемирувањето на социјалните мрежи. Најтешко ми падна што гледав добри луѓе, како гледаат во под додека таа зборува. Одредена помала група ѝ аплаудираше пред да ја напуштам салата, а некои од нив и потрчаа и во лице ми викаа „антиционизмот не е антисемитизам“.

Не сум единствениот кој е напаѓан поради тоа што одбива да молчи за левичарскиот антисемитизам, но тоа нема да ме спречи да продолжам да зборувам за истиот.

Фото: Antoni Mantorski -shutterstock.com

Ова е клучен момент за левицата. Левицата на интернет активно ги колонизира ставовите на крајната десница – нејзините поддржувачи се сè поблиску до „антиимперијалистичката“ идеологија која ја туркаат ленинистите и теориите за „доселениците-колонизатори“ популарни на американските либерални колеџи.

Резултатот од тоа е што во левицата денес дејствуваат и луѓе чии погледи на светот се изградени околу антисемитските теории на заговор – на пример дека пожарот во Гренфел е некако поврзан со Израел и фамилијата Ротшилд, или дека Израел сам го испланирал нападот и масакарот на 7 октомври како повод за да се изврши геноцид во Газа.

Предизвикот за сите кои се солидаризираат со Палестинците е да научат како да се заштитат од такви идеи, да ја сфатат нивната опасност и последиците кои може да ги предизвикаат. Бидејќи тоа не е случајно – левичарскиот антисемитизам има долга, но слабо позната историја.

Антисемитизмот беше вграден во анархизмот. Михаил Бакуњин, водечката анархистичка фигура на 19 век, предупредуваше од опасноста од Евреите. Тоа остави траги и во раните дела на Карл Маркс, кој и покрај своето еврејско потекло, ги прифати просветителските предрасуди дека Еврејството е дефинирано од „егоизам“, „посебни интереси“ и љубов кон парите.

Југен Дихринг, економист од Берлин и ментор на првата генерација на германски социјалдемократи од 70тите години на 19 век беше заговорник за антисемитски социјализам. По аферата Драјфус, многу француски левичари застанаа до крајната десница, против еврејскиот офицер кој беше жртва. Во таквите лево-националистички идеологии, историчарот Зев Штернхел ги лоцира корените на раниот фашизам.

Сепак, Сталин беше човекот кој „стави ракетен погон“ на левиот антисемитизам. Не само што ја цензурираше работата на новинарите кои го документираа антиеврејскиот карактер на холокаустот, туку и кон крајот на 40тите години започна и глобална кампања на СССР против „меѓународниот ционизам“, што резултираше со темелна чистка на Евреите во Полска по Шестдневната војна од 1967 година.

Секој кој верува дека изливите на левичарскиот антисемитизам се последица на бесот предизвикан од последните постапки на Израел и дека проблемот може лесно да се реши со повикување на „пристојност“, треба внимателно да ја прочита историјата.

СССР со децении развиваше теми кои денес доживаат процвет кај глобалната левица: дека ционизмот и фашизмот се близнаци, дека ционистите биле соучесници не само во холокаустот, туку и во масовното убивање на Словени во источна Европа, дека ционизмот е меѓународна завера преку која е давана поддршка на апартхејдот во Јужна Африка, белта супремација во САД и расизмот против автохтоното население во Јужна Америка.

Накратко, сталинизмот стои зад поголемиот број од антисемитските наративи кои денес се во тек. Се разбира, критичкиот став кон ционизмот не мора сам по себе да биде израз на антисемитизам. Но, секогаш кога ќе ја чуете паролата „антиционизам не е антисемитизам“, треба да се сетите дека една од водечките глобални сили со децении работела на градење на „антиционизам“, за да го стави во служба на антисемитизмот.

Руските власти јавно се дистанцираа од таквата пропаганда во 1991 година, но истите теми денес повторно ги користат многу навивачи на Путин, како на крајната левица, така и на крајната десница. Се разбира, постои и антисемитизам кој е промовиран од исламистичките групи, вклучувајќи ги и претставниците на Хамас на западот, но верзијата на антисемитизам во која „зад Гренфел стои Ротшилд“ не припаѓа на тој вид.

Известував за војната во Газа во 2014 година. Видев и документирав настани за кои верувам дека претставуваат израелски воени злосторства, поради што бев нападнат од портпароли на Израелската армија. Овој пат повикував, на истите страници, за прекин на огнот долго пред Лабуристичката партија да повика. Се противев на израелската инвазија на Газа и предупредував дека ќе заврши со пролевање на крв на многу цивили. И денес повикувам израелците да ја кренат блокадата од Газа, да ги истражат прекршувањата на меѓународното право од нивните војници и да се повлечат од напад на Рафа.

Но, јас сум персона-нон-грата за дел од крајната левица бидејќи исто време го поддржував правото на Израел да се брани себеси и да ги ослободи заложниците и ја критикував левата идеологија која сака да го уништи Израел поради статусот „населеник-колонизатор“ припишан на неговите жители.

Од искуство може да го кажам следново: тоа е тешка борба. Затоа потполно ги разбирам сите учесници во јавниот живот кои ја избегнуваат. Но мислам дека не е возможно да останам на страна, надвор од борбата против левичарскиот антисемитизам. Бидејќи, сакале или не, тоа ќе биде важна тема на следните избори.

Да, „лудаците“ се малцинство. Да, огромно мнозинство од оние кои се солидаризираат со Палестина се добри, прогресивни луѓе, мотивирани од легитимни хуманитарни причини.

Но отровот е влезен во крвотокот и по шест месеци конфликт во Газа гледаме дека работите не се менуваат на подобро, туку на полошо.

Решението е едноставно. Прозборете. Изолирајте ги антисемитите и ставете ги во карантин – одбијте да делите ист простор со нив, престанете да ги третирате како ексцентрични роднини кои е најдобро да ги игнорирате. Тие се непријатели на начелата на кои почиваат и социјализмот и социјалдемократијата.

Колку и да напаѓаат додека тонат кон неминовниот пораз, сигурно ќе се чувствувате подобро.

Пол Мејсон, The New European

Најново

Последни колумни