Search
Чие Нагашима, лекторка и професорка од Јапонија учесничка на годинешниот „Сакура фестивал“

Дисциплината на Јапонците и пријателскиот дух на Македонците се најдоброто од двете земји

Чие Нагашима е лекторка и професорка од Јапонија која повеќе години живее во Македонија. Далеку од својата земја, таа ја носи јапонската културата на живеење во Скопје и гради нови мостови во односите помеѓу Македонија и Јапонија. На годинешниот фестивал на Јапонска култура „Сакура фестивал“ таа ќе настапи со проектот „Ајде да се обидеме да зборуваме како гласовни актери“ од 3 јапонски анимации и тоа „Нападот на Титан“, „Демонски убиец“ и „Твоето име“, како и со „Фурошики“ работилница за завиткување. Фестивалот кој на први јуни ќе се одржи во МКЦ Скопје, ја обработува темата на тоа како јапонската култура и традиција имаат голема почит кон природата и таа е вткаена во секој дел од нивното живеење: обичаите и навиките од секојдневниот живот, развојот на технологијата и архитектурата и како ние може да учиме од нив.

Со Чие разговаравме за јапонската култура и за земјата во која е родена, за нејзиниот живот овде и за разликите меѓу двете култури…

Трн: Кажете ни малку повеќе за вашето патување од Јапонија до Македонија?

Чие: За земјите од поранешна Југославија се интересирам од 2006 година. Прочитав многу книги и гледав филмови за општеството, за конфликтите и за граѓанската војна. Откако неколку пати патував во некои земји од поранешна Југославија, сонував да направам нешто и овде. Мојот сон се реализираше во септември 2019 година кога започнав да предавам јапонски јазик на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Тоа беше јапонска наставна програма што траеше две години.

Трн: Зошто сепак одлучивте да останете во Македонија?

Чие: Како што кажав, пред се ми се допаѓаат овие земји. Дополнително, имам сон да негувам односи со луѓе кои можат да бидат мост во односите помеѓу Македонија и Јапонија. И ете, се надевам дека ќе ја ширам јапонската култура во Македонија.

Трн: Колку е различна културата на живеење во Јапонија и во Македонија? И колку беше предизвик таа разлика за вас, кога избравте да останете овде?

Чие: Сè ми изгледаше тешко на почетокот, но со текот на времето можам да се прилагодам на животот во Скопје. Нема совршени места во светот. Мора да завземеме позитивна и негативна страна каде и да живееме.  Кога сум во некоја неволја, секогаш некој ми помага. Навистина сум благодарна за тоа. Благодарение на тие луѓе можам да живеам овде.  Не сум сигурна дека би било добро да се каже, но она што за мене е тешко е да се прифати е состојбата со ѓубрето и начинот на сообраќај во Скопје.

Трн: Што најмногу ви се допаѓа во Македонија?

Чие: Луѓето околу мене и убавоти време.

Трн: Што е тоа што најмногу ви недостига од земјата во која сте родени?

Чие: Моите родители, пријатели, храната и топли извори. Навистина ми недостига Јапонија за се, да бидам искрена.

Трн: Каква е улогата на жените во јапонското општество во споредба со она што го гледате овде?

Чие: Тоа што гледам е дека има многу повеќе правнички, докторки и политичарки овде, отколку во Јапонија.  Но сепак, би рекла дека основната улога на жените во општеството во Јапонија и Македонија се исти.  Понатаму се зависи од тоа како тие одбираат да го живеат животот.

 Трн: Кога би можеле да земете нешто од вашата земја и да го донесете овде и обратно, што би било тоа?

Чие: Од Јапонија во Македонија, би го донела редот на нештата и дисциплината во се во општеството, како и тоа како непречено да се случуваат сите работи. Од Македонија во Јапонија, би го однела веселиот и пријателски дух.

Трн: Колку фестивалите како овој од кои сте дел придонесуваат за зближување на двете култури

Чие: Чест ми е што имам можност да бидам дел од фестивалот. Се надевам дека ќе можам да придонесам за ширење на јапонската култура и во исто време да уживам во мојата култура. Слушам дека Јапонија и јапонската култура стануваат популарни многу луѓе, особено млади луѓе, па затоа сакам да им упатам апел колку е интересен јапонскиот јазик, овогодинешниот фестивал. На фестивалот ќе настапам со проектот „ Ајде да се обидеме да зборуваме како гласовни актери од 3 јапонски анимации  и тоа „Нападот на Титан“, „Демонски убиец“ и „Твоето име“, како и со „Фурошики“ работилница за завиткување.

Најново

Последни колумни