Одржано 50. издание на „Струшка музичка есен“

„Струшка музичка есен“ претставува единствена манифестација од ваков вид во земјава, која ги поврзува музичката наука, теоријата и современата композиторска практика

Јубилејното 50. издание на музичко-научната манифестација „Струшка музичка есен“ се одржа во Струга, со програма посветена на улогата на Сојузот на композиторите на Македонија во развојот на домашната музичка култура.

Во центарот на годинашната манифестација беа историјата, придонесот и влијанието на СОКОМ врз македонското музичко творештво. За овие теми говореа музиколози, етномузиколози, композитори и музички теоретичари од земјава и од странство.

„Струшка музичка есен“ претставува единствена манифестација од ваков вид во земјава, која ги поврзува музичката наука, теоријата и современата композиторска практика. Низ нејзините пет децении постоење, таа се разви во простор за претставување научни истражувања, размена на идеи и отворање прашања поврзани со македонската музичка култура.

Свеченото отворање на јубилејното издание се одржа во храмот „Свети великомаченик Георгиј“ во Струга. Пред присутните се обрати митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, а музичкиот дел од програмата го изведе Градскиот камерен хор „Балтепе“ од Тетово.

Под раководство на диригентката Јасмина Ѓорѓеска, хорот одржа концерт составен од дела на македонски композитори, со што јубилејот беше одбележан преку непосредно претставување на домашното хорско творештво.

Селекторки на програмата на 50. „Струшка музичка есен“ беа музиколозите д-р Мирјана Павловска-Шулајковска и проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленковска.

Континуитетот на манифестацијата ја потврдува нејзината улога како хроничар и активен учесник во развојот на македонската музичка мисла. Покрај афирмирањето на композиторското творештво, низ годините таа овозможува средби меѓу авторите, истражувачите и музичките педагози и создава простор за критичко преиспитување на состојбите во музичката култура.

„Струшка музичка есен“ ја организира Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс