Пред да ги спакувате куферите за Грција оваа сезона, прочитајте ја листата со десет работи кои едноставно не смеете да ги правите. Не се работи за ситници: паркирање на забрането место може да ви ја однесе таблицата, невнимавање на пасошите на граница може да ви го уништи патувањето, а црвеното знаме на плажа не е декорација. Советите ги составиле туристи кои тоа го научиле на потежок начин.
Морето убива кога се вее црвено знаме
Првото и најважното правило: никогаш не влегувајте во море кога е истакнато црвено знаме. Морските струи на грчкото крајбрежје можат да бидат смртоносни дури и за одлични пливачи, а спасувачите не секогаш можат да стигнат на време.
Паркирањето на забрането место може да ве чини регистерска таблица
Грчката сообраќајна полиција редовно ги одзема регистарските таблички на непрописно паркирани возила, а нивното враќање бара посета на полициска станица и плаќање казна. Слободното место покрај плажа може да чини неколку часа нервоза и пари.
На терминалите за туристички автобуси кражбите се вообичаени
Туристичките терминали се места каде џепчиите работат организирано. Торбите и паричниците треба да бидат под постојан надзор, особено во моментите на качување и слегување од автобусот.
Огласите за сместување на социјалните мрежи не се секогаш вистинити
Лажни огласи за апартмани и куќи за одмор се честа измама, особено на Фејсбук и Инстаграм. Резервацијата преку верификувани платформи или директно кај сопственикот со потврда е единствената заштита.
Во паркирано возило не се остава ништо
Дури и безвредни предмети оставени видливо во автомобил можат да бидат причина за провала. Во туристичките зони кражбите од возила се случуваат брзо и дискретно.
Купувањето во маркет веднаш по границата е ризик
Возилото полно со куфери и торби оставено пред маркет или на првото паркиралиште по границата е идеална цел. Подобро е да се продолжи до посигурна дестинација пред да се прави шопинг.
Голи деца на плажа се казниво
Грција има закони кои го забрануваат движењето на деца без облека на јавни места, вклучувајќи ги и плажите. Родителите не се секогаш информирани за тоа, но незнаењето не е олеснувачка околност кога се плаќа казната.
Бурмите не одат на плажа
Прстените лесно се губат во морската вода, а песокот ги „голта” без трага. Накитот вреден за вас по вредност или емотивно значење нека остане во сместувањето.
На граничниот премин пребројте ги пасошите
По контролата на граница, во уморот и брзањето, туристите понекогаш тргнуваат без еден или повеќе пасоши, или со туѓ документ. Пред да тргнете од шалтерот, проверете ги сите документи.
Брзото возење во Грција чини скапо
Грчките казни за пребрзо возење се меѓу највисоките во регионот, а радарите се почести отколку што изгледа. Покрај парите, животот нема цена.
Извор: grckainfo.com