ЈП Лајка – Скопје, Europe House и Алпинистички клуб Скопје успешно ја реализираа креативната **upcycling работилница** на Средно Водно, каде старите алпинистички јажиња добија нов живот како издржливи поводници за кучињата згрижени во прифатилиштето.
На работилницата учествуваа голем број граѓани кои преку својата креативност и ангажман придонесоа за изработка на 53 поводници, кои ќе се користат во секојдневната грижа, прошетките и вдомувањето на кучињата во ЈП Лајка.
Настанот претставуваше одличен пример како преку принципите на циркуларната економија може истовремено да се намали отпадот и да се создаде конкретна корист за заедницата и благосостојбата на животните. Алпинистичките јажиња, кои повеќе не се безбедни за нивната првична намена, наместо да завршат како отпад, беа претворени во квалитетни и функционални поводници.
ЈП Лајка упатува искрена благодарност до Europe House, Алпинистички клуб Скопје и до сите учесници кои со својот труд и ентузијазам придонесоа оваа иницијатива успешно да се реализира.
„Оваа активност уште еднаш покажа дека преку партнерства, волонтерство и заедничка работа можат да се создадат одржливи решенија кои имаат вистинско влијание врз локалната заедница и животните за кои се грижиме“ велат од ЈП Лајка