По фестивалските проекции на „Македокс“ и „Белдокс“, краткиот филм „Mushrooms Grow in Memory“ на младиот македонски автор Ханис Багашов продолжува да го привлекува вниманието и надвор од домашната филмска сцена. Филмот беше вброен и меѓу препораките на „Вог Адрија“ за филмови од регионот прикажани на „Белдокс“ 2026, а неодамна беше прогласен и за најдобар филм во Националната натпреварувачка програма на јубилејното, десетто издание на фестивалот „Дрим Шорт“.
„Mushrooms Grow in Memory“ е тивок, интимен филм за загубата, времето и она што останува зад луѓето што физички веќе не се тука. Во само десетина минути, Багашов гради простор во кој сеќавањето не се објаснува, туку се чувствува, низ слики, атмосфера и фрагменти од минатото.
Особено впечатливо е што зад филмот речиси целосно стои самиот автор. Багашов ги потпишува режијата, камерата, монтажата и продукцијата, додека музиката е на Арта Абази, а дизајнот на звукот на Дарко Спасовски. Во разговор за Трн, Багашов зборува за филмот како „дух од минатото“, за една слика околу која се изградил целиот филм, за дедото кој повторно станува присутен преку стара снимка, но и за патот од средношколскиот филм „Mishko“, со кој на 18 години стигна до Сараевскиот филмски фестивал, до денешното запознавање со јазикот на филмот.
Со искуство од студиите по режија во Софија и програмите Berlinale Talents, Sarajevo Talents и IDFAcademy, тој не гледа на филмот како на нешто што може конечно да се научи и совлада. Напротив, како што вели, денес чувствува дека дури почнува да се запознава со филмот. А што сака да остане по Ханис Багашов во македонскиот филм? Одговорот, во негов стил, не е голема декларација. „Којзнае што ќе ми се случи овој ден, прво тоа“, вели тој.

Трн: „Mushrooms Grow in Memory“ е филм за сеќавањето, но не се обидува да го објасни сеќавањето. Зошто избравте токму ваков тивок, речиси хипнотички начин да зборувате за загубата?
Ханис: Загубата е состојба и таа состојба го нарушува и односот со времето. Тоа е, да речеме, контекстот. Кога снимав ми беше доволно да бидам со она што е околу мене, без потреба за дополнителни информации и објаснувања. Музиката што ја искомпонира Арта Абази пренесе многу енергија на материјалот, на некој начин таа е дијалогот со минатото и влијае врз формата што филмот на крајот ја доби.
Трн: Филмот трае само десетина минути, но отвора големи теми: смртта, времето, семејството, исчезнувањето и она што останува. Како се одлучува што да се остави во толку краток филм, а што да се исфрли?
Ханис: Има еден кадар кој за мене е најсилен и околу кој се изгради таа мала структура и
се наштелува температурата на филмот. Мислам дека е потребна една моќна слика врз која ќе насочи концентрацијата додека се работи, слика која ќе ја одреди точната дистанца меѓу мене и тоа што го
снимам.
Трн: Дедото во филмот е физички отсутен, но преку старата снимка повторно станува присутен. Дали филмот, всушност, може да биде еден вид втор живот за луѓето што ги нема?
Ханис: Да, секој филм сам по себе е дух од минатото. Тоа е природата на филмот; штом
нешто се сними, станува минато.
Трн: На 18 години со „Mishko“ стигна до Сараевскиот филмски фестивал. Денес зад себе имаш повеќе филмови и сериозна меѓународна едукација. Што најмногу се променило во твоето гледање на филмот од„Mishko“ до денес?
Ханис: Краток филм е што го направив во средно. Денес чувствувам дека почнувам да се запознавам со филмот, со јазикот на филмот, повеќе отколку тогаш. Нормално. Се е променето.
Трн: Студираше режија во Софија, а истовремено беше два пати селектиран на Berlinale Talents, како и на Sarajevo Talents и IDFAcademy. Што научи надвор од Македонија што најмногу ти недостигаше овде?
Ханис: Тоа се можности за запознавање на луѓе од истата професија и размена на мислења за работата. ,,Соочување со поинаков начин”, за било што – тоа е смислата на мешањето со луѓе, патувања, итн.
Трн: „Mushrooms Grow in Memory“ беше прогласен за најдобар филм во Националната натпреварувачка програма на десеттото издание на „Дрим Шорт“. Што ти значи ова признание токму дома, пред македонска публика и филмска заедница?
Ханис: Фино е да се добие награда, било каде. ,,Дрим Шорт” посебно ми значи, заради
нивната подршка уште од почеток.
Трн: Ова беше јубилејно, десетто издание на „Дрим Шорт“. Како го доживуваш
фестивалот денес од позиција на автор чии филмови веќе патуваат на фестивали, а не само како гледач?
Ханис: ,,Дрим шорт” има секогаш многу добра селекција и фестивалот е воден од тим што
сака филм. Звучи просто, ама баш ова станува се попотребно денес.
Трн: Дали ваквите фестивали во Македонија можат навистина да создадат простор за една нова генерација режисери или сè уште премногу зависиме од тоа дали некој филм ќе биде забележан надвор?
Ханис: Програмата на фестивалот може да покаже пат, знак. Да сигнализира насока.
Нашата работа е секако од внатре кон надвор, во секој смисол.
Трн: И последно: ако „Mushrooms Grow in Memory“ е филм за тоа што останува по човекот, што сакаш да остане по Ханис Багашов во македонскиот филм?
Ханис: Kојзнае што ќе ми се случи овој ден, прво тоа.