Норвешка доби нов крал. Хокон VIII го презеде тронот на 28 август, веднаш по смртта на неговиот татко, кралот Харалд V, кој почина на 89-годишна возраст во Универзитетската болница во Осло. Харалд владееше 35 години и остана запаметен како популарен монарх кој ја модернизираше норвешката монархија и изгради исклучително близок однос со јавноста.
Новиот крал има 53 години, а неговата ќерка, принцезата Ингрид Александра, сега е крунска принцеза и прва во редот за наследување на тронот.
Тригодишен принц во бегство од нацистите
Харалд бил роден во 1937 година и имал само три години кога нацистичка Германија ја нападнала Норвешка во 1940 година. За да избегне апсење, неговата мајка, принцезата Марта, побегнала со него и неговите сестри Рагнхилд и Астрид прво во Шведска, а потоа со брод заминале во Соединетите Американски Држави. Таму престојувале извесно време со поддршка од американскиот претседател Френклин Рузвелт.
Неговиот татко, идниот крал Улав V, во меѓувреме останал во егзил во Велика Британија заедно со норвешката влада. Семејството повторно се обединило во Норвешка во јуни 1945 година, по завршувањето на Втората светска војна.
Девет години чекал дозвола да се ожени
По студиите на Оксфорд и завршувањето на Норвешката воена академија, Харалд станал престолонаследник во 1957 година, по смртта на неговиот дедо, кралот Хокон VII. Но, една од најважните одлуки во неговиот живот не била поврзана со политиката, туку со љубовта.
На една забава ја запознал Соња Харалдсен, ќерка на трговец со облека. Таа немала благородничко потекло, што во тоа време било сериозна пречка за брак со престолонаследник. Харалд, сепак, бил подготвен да ја ризикува сопствената иднина. Му ставил до знаење на татко му дека, ако не може да се ожени со Соња, нема воопшто да се ожени. По девет години, кралот Улав попуштил. Харалд и Соња се венчале на 29 август 1968 година, а таа подоцна станала кралица на Норвешка.
Кралот кој ја приближи монархијата до народот
Харалд го наследил тронот во јануари 1991 година, по смртта на татко му, кралот Улав V. Во текот на своето 35-годишно владеење се залагал за помодерна и поотворена монархија. За Норвежаните станал симбол на стабилност и близок однос со граѓаните.
Еден од најтешките моменти во неговото владеење бил по терористичките напади во Норвешка во 2011 година, кога беа убиени 77 луѓе. Неговите јавни настапи во тие денови дополнително го зацврстиле неговиот имиџ како монарх кој во националните трагедии застанувал покрај граѓаните. Харалд никогаш не абдицирал и покрај возраста и здравствените проблеми, туку останал на тронот до смртта.
Синот кој сакал да биде што подалеку од круната
Ако Харалд постепено се навикнал на својата улога, неговиот син Хокон во младоста тргнал во спротивна насока. Наместо да го следи традиционалниот пат на норвешките престолонаследници, Хокон студирал во Калифорнија, на Универзитетот во Беркли, а подоцна и на Лондонската школа за економија.
Како млад не се чувствувал удобно со своето кралско потекло. Во своите мемоари зборувал за тоа дека уште во училиште му пречело вниманието што го носела неговата титула и дека сакал да биде што подалеку од дома. Го привлекувале американската култура, музиката и сурфањето. А потоа на музички фестивал ја запознал Мете-Марит Тјесем Хојби.
Љубовта што предизвика скандал во кралството
Мете-Марит не била аристократка. Таа била самохрана мајка со син од претходна врска, а нејзиното минато предизвикало голема јавна дебата пред бракот со престолонаследникот. И покрај критиките, Хокон останал со неа.
Двајцата се венчале во 2001 година. Денес таа е кралица Мете-Марит, а нејзиниот син Мариус Борг Хејби е член на кралското семејство, но нема наследно право на тронот. Хокон и Мете-Марит имаат две деца,– принцезата Ингрид Александра и принцот Свере Магнус.
Од 1905 година Норвешка има своја модерна кралска линија
Современата норвешка монархија е поврзана со 1905 година, кога Норвешка се отцепила од унијата со Шведска. На референдумот граѓаните избрале земјата да остане монархија, а данскиот принц Карл бил избран за крал. Тој го зел името Хокон VII. Новиот крал е четвртиот монарх во оваа линија по Хокон VII, Улав V и Харалд V.
Хокон VIII на првиот ден од своето владеење потврдил дека ќе го задржи кралското мото на своите претходници: „Сè за Норвешка“. Мотото се користи непрекинато од 1905 година.
Ќерката која може да стане првата кралица
Со доаѓањето на Хокон на тронот, неговата ќерка Ингрид Александра стана крунска принцеза и прва во линијата на наследување. Таа е родена во 2004 година и, според современите норвешки правила за наследување, има предност пред својот помлад брат.
Промената на правилата во 1990 година вовела еднакво право на наследување за првородените деца без оглед на полот, но измената не важела ретроактивно. Затоа Хокон, иако има постара сестра, го задржал своето место пред неа во линијата на наследување. Ако Ингрид Александра еден ден ја наследи круната, Норвешка ќе добие кралица на тронот.
Круната доаѓа во тежок момент за семејството
Хокон ја презема монархијата во период кога норвешкото кралско семејство се соочува со сериозни предизвици. Последните месеци беа обележани со контроверзии околу неговата сопруга Мете-Марит и нејзините врски со Џефри Епстајн, како и со судскиот случај против нејзиниот син Мариус Борг Хејби.
Во исто време, поддршката за монархијата во Норвешка е под притисок, иако самиот Харалд до последните години остана исклучително популарен. Сега Хокон треба да ја продолжи неговата работа, но во време кога јавноста очекува од новиот крал не само традиција туку и одговори. Човекот кој како млад сакал да биде што подалеку од круната денес ја носи. И неговата прва задача нема да биде само да ја продолжи династијата. Ќе треба да покаже дали може да ја задржи довербата што неговиот татко ја градеше цели 35 години.