На 25 јуни 2026 година, The Beatles и Apple Corps Ltd. официјално го признаа Глобалниот ден на Битлсите, датум кој фановите неформално го одбележуваат уште од 2009 година. Тоа е можеби единствениот ден на годината кој не бара ниту регистрација, ниту влезница, ниту повод. Само да застанете, да послушате и да споделите малку радост. Светот тоа го прави со децении, а оваа година, за прв пат официјално.
Еден ден, еден датум, 400 милиони луѓе
На 25 јуни 1967 година, Битлси влегле во Студио 1 во Abbey Road и го изведеле „All You Need Is Love” во живо, како дел од емисијата Our World на BBC, првиот меѓународен телевизиски пренос преку сателит. Перформансот го следеле проценети 400 милиони гледачи во повеќе од 20 земји и се смета за еден од дефинирачките моменти на контракултурата на 1960-тите.
https://youtube.com/watch?v=Mki34tyoCp0%3Ffeature%3Doembed%26enablejsapi%3D1%26origin%3Dhttps%3A
Сепак, во нивниот настап имаше нешто повеќе од музика. Се се случуваше во 1967 година, Виетнамската војна беше во полн замав, студентските протести ги тресеа западните универзитети, а светот беше поделен по линии кои се чинеа непоместливи. И точно во тој момент, четворица момци од Ливерпул го кажаа тоа наједноставно можно: сè што ти треба е љубов.
Фан-иницијатива која порасна во традиција
Глобалниот ден на Битлси го основала во 2009 година Американката Фејт Коен од Индијанаполис, со сопствени зборови, како „писмо на благодарност” до бендот. Тргнала со социјалните мрежи, без буџет, без институциска поддршка. Само идеја.
„Гледав дека постојат празници со имиња како ‘Зборувај како пират ден’ и помислив, зошто да нема ден посветен на Битлси, само за да се каже благодарам?” раскажува Коен.
Од таа идеја никнала традиција. Денес Глобалниот ден на Битлси поттикнува трибјут концерти во Токио, изложби во Њујорк, масовни пеења во Буенос Аирес и фанатски собири во Ливерпул. А оваа година, Apple Corps Ltd. официјално го признала денот и за прв пат ја пуштила колоризираната верзија на изведбата на „All You Need Is Love” бесплатно на YouTube.

Зошто токму тие четворица
Битлси продале над 600 милиони албуми ширум светот и се сметаат за групата со највисока продажба на сите времиња. Но бројките ја раскажуваат само мал дел од приказната. Нивниот вистински отпечаток е потешко мерлив. Во рок на само осум години, од 1962 до 1970, го промениле начинот на кој светот ги слуша песните, ги носи косите, ги замислува границите на уметноста. Поминале низ скифл, рок-енд-рол, психеделија, камерна музика и источна медитација и секојпат го повлекле светот по себе.
За време на американската турнеја во 1964 година, Битлси одбиле да настапуваат пред сегрегирана публика став кој директно придонел за рушење на расните поделби во забавната индустрија. Тие не беа само бенд, туку и политичка позиција.

Порака која не застарела
Извршниот директор на Apple Corps Том Грин, во писмото до Фејт Коен, напишал: „Повеќе од кога и да е, пораката на Битлси и на All You Need Is Love зборува за нешто суштинско: за заедница, поврзаност и моќта да се обединуваат луѓето. Тоа е она што го прави Глобалниот ден на Битлси особен. Тој не бара ништо повеќе освен луѓето, каде и да се, да застанат, да послушаат и да споделат малку радост.”
Тешко е да се посети поубава дефиниција за тоа зошто музиката воопшто постои.

Денес, 25 јуни 2026
Денот не носи свечена церемонија. Нема официјален говор, нема парада. Само луѓе ширум светот кои наоѓаат по пет минути во денот да пуштат некоja стара плоча, да ја испеат „Hey Jude” додека паркираат, да испратат на некого порака со текст од „Let It Be”. Тоа е сè и тоа е доволно. Ако на Битлси им требаа само три минути да испеат дека сè што ти треба е љубов, на светот очигледно му требале 59 години да одлучи дека им верува.