Објавена е програмата на 38. издание на Поетска ноќ во Велестово

Програмата ќе започне на 21 август во 21 часот во Велестово со поетскиот портрет на Јовица Ивановски, едно од водечките имиња во македонската современа поезија

На 38. Поетска ноќ во Велестово ќе настапат дваесетина поети, музичари и уметници од шест земји (Ирска, Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија и Македонија). 

Програмата ќе започне на 21 август во 21 часот во Велестово со поетскиот портрет на Јовица Ивановски, едно од водечките имиња во македонската современа поезија, по што ќе следува „Имаго“ ‒ интернационално поетско читање, на кое ќе настапат поетите од странство. 

Истата вечер, од 22:30 часот, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово ќе биде отворена и изложбата на акварели на Ивана Настески под наслов „Флора“.

Следните два дена ќе се одржат книжевни промоции на пет стихозбирки од: Павле Горановиќ од Црна Гора, Томица Бајсиќ од Хрватска,  Звонко Карановиќ од Србија, Маја Ручевиќ Карановиќ од Хрватска и Вероника Димоска од Македонија, како и уште две интернационални поетски читања „Мозаик“, едното во Охрид во „Лапидариум“, а завршното поетско читање ќе се одржи во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово в недела, на 23 август,  на кои, покрај споменатите поети, ќе настапат и Моли Туми од Ирска, Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија, како и домашните поети: Викторија Ангеловска, Диме Ратајкоски, Тони Попов, Никола Наумовски, Ива Шајноска, Звонко Димоски, Илко Димитриевски, Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски.

Во програмата предвиден е и кус музички концерт на Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија (кавал и електрична гитара), како и организирано разгледување на културно-историското наследство на Охрид и природните убавини на Националниот парк „Галичица“.

Дизајнот на постерот за годинешното издание на фестивалот е на Андреј Павлов.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, од Општина Охрид и од Комерцијална банка АД Скопје, гостувањето на поетесата од Ирска е помогнато од Литературниот центар Мунстер од Корк и Советот за уметност на Ирска, а гостувањето на Томица Бајсиќ од Хрватска е поддржано од Хрватското друштво на писатели и е дел од книжевната размена меѓу Поетска ноќ во Велестово и фестивалот „Стихот во регионот“ (“Stih u regiji”) од Загреб.

Програма

Петок, 21.8.2026 г.

Локација: с. Велестово, на сретсело.

  • 21:00 ч.: Кус музички концерт на Иван Христов и Петар Чухов (кавал и електрична гитара)
  • 21:20 ч.: „Поетски портрет на Јовица Ивановски“ ‒ поетско читање и разговор воден од Јулијана Величковска.
  • 22:10 ч.: „Имаго“ ‒нтернационално поетско читање на гостите од странство: Моли Туми (Ирска), Павле Горановиќ (Црна Гора), Маја Ручевиќ Карановиќ (Хрватска), Томица Бајсиќ (Хрватска), Звонко Карановиќ (Србија), Иван Христов (Бугарија) и Петар Чухов (Бугарија).
  • 22:30 ч.: „Флора“ ‒ изложба на акварели на Ивана Настески  во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово.

Сабота, 22.8.2026 г.

Локација: „ЛАПИДАРИУМ“, двориште на Куќата на Робевци, Охрид. 

  • 20:00 ч. Диптих #7 со Павле Горановиќ (Црна Гора) и Томица Бајсиќ (Хрватска).

Промоција на поетските книги „Република на тишината“, избор песни од Павле Горановиќ и на „Собирачи на коски“, избор песни од Томица Бајсиќ, обете во препев на Славе Ѓорѓо Димоски, изданија на „ПНВ Публикации“. Разговорот ќе го модерира Јулијана Величковска.

  • 21:00 ч. „Мозаик“ ‒ интернационално поетско читање

Учесници: Моли Туми (Ирска), Звонко Карановиќ (Србија), Маја Ручевиќ Карановиќ (Хрватска), Иван Христов (Бугарија), Диме Ратајкоски, Тони Попов, Вероника Димоска, Викторија Ангеловска и Андреј Медиќ Лазаревски (Македонија).

Недела, 23.8.2026 г.

Локација: тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово.

  • 19:00 ч. Промоција на стихозбирката „Удут“ од Вероника Димоска, издание на „Култура Бета“.
  • 20:00 ч. Диптих #8 со Звонко Карановиќ (Србија) и Маја Ручевиќ Карановиќ (Хрватска).

Промоција на поетските книги „Најубавите години од нашиот живот“, избор песни од Звонко Карановиќ во препев на Јовица Ивановски, и на стихозбирката „Утре ќе правиме ангели во пад“ од Маја Ручевиќ Карановиќ во препев на Јулијана Величковска, изданија на „ПНВ Публикации“. Разговорот ќе го модерира Јулијана Величковска.

  • 21:00 ч. „Мозаик #2“ ‒ интернационално поетско читање

Учесници: Петар Чухов (Бугарија), Томица Бајсиќ (Хрватска), Павле Горановиќ (Црна Гора),  Ива Шајноска, Звонко Димоски, Илко Димитриевски, Никола Наумовски и Марија Велинова (Македонија).

е-Трн да боцка во твојот инбокс