Обдукцијата покажа: китот Тими умрел од глад со мрежа заглавена во устата

Грбавиот кит со месеци влечел рибарска мрежа долга 150 метри и не можел да се храни. Извештаите за приватната спасувачка акција зборуваат за сериозни грешки.

Грбавиот кит Тими, чија борба крај германскиот брег на Балтичкото Море пролетта ја следеше цела Европа, умрел од глад. Тоа го покажува данскиот обдукциски извештај, според кој животното со месеци не јадело, а неговиот стомак бил целосно празен. Патолозите не пронашле болест што би можела да ја предизвика смртта, а крајно исцрпениот кит на крајот се удавил.

Тими, кого германските медиуми го нарекуваа и Хоуп, првпат беше забележан насукан на песочен спруд крај германскиот брег на 23 март. Следуваа недели неуспешни обиди повторно да заплива кон отворено море, при што китот страдаше и од кожно заболување поврзано со ниската соленост на Балтикот. На 2 мај беше пренесен со барка во метален контејнер до Северното Море и пуштен крај данскиот брег. Податоците од следењето подоцна покажаа дека за пет дена препливал околу 215 километри, но во погрешна насока – назад кон Балтикот. Мртов е пронајден на 14 мај крај данскиот остров Анхолт, а обдукцијата откри дека се работи за женка, по месеци претпоставки дека е мажјак.

Спасувачката акција беше спорна уште од почетокот. Под зголемен притисок од јавноста, локалните власти одобрија приватна иницијатива, иако стручњаците предупредуваа дека може да направи повеќе штета отколку корист. Гласовни пораки, документи и видеозаписи, според германските медиуми, покажуваат дека членовите на приватниот тим дејствувале неорганизирано, нестручно и хаотично. Се спомнуваат сериозни грешки и индиции дека китот значително страдал во текот на акцијата, а активистите за правата на животните остро ги критикуваа локалните власти.

Вистинската причина за гладувањето била тешка рибарска мрежа заглавена во устата на китот, со која пливал со месеци. Станува збор за стационарна мрежа од типот што легално се користи за лов на треска на длабочина од околу 50 метри меѓу Данска и Шведска. Стручњаците што ги анализирале парчињата исклучиле можност мрежата да ја користеле рибари од Балтикот, па веројатно не се работи ни за напуштена мрежа што слободно лебди во морето.


Според нивната проценка, Тими најверојатно ја откинал мрежата од сидрата и со себе влечел дел долг околу 150 метри и широк три метри. Тоа барало огромна енергија, а заглавената мрежа најверојатно целосно му оневозможувала да се храни. Кога точно китот се заплеткал во неа, засега не е утврдено.

е-Трн да боцка во твојот инбокс