Сезоната на греење е во тек, а со неа во македонските градови повторно се враќа и загадениот воздух. Минатиот декември, светската платформа за мерење на квалитетот на воздухот IQAir го вброи Скопје меѓу десетте најзагадени градови во светот. Слична слика има и во Тетово, Битола, Куманово и другите градови сместени во котлини, каде што загадениот воздух тешко се распрснува.
Главните причинители се греењето на дрва и јаглен, но и согорувањето пластика, гуми и друг отпад, автомобилскиот сообраќај со стари дизел-возила и индустријата. Во студените денови без ветер, над котлините се создава температурна инверзија, која функционира како капак и го задржува загадувањето приземно. Ситните честички PM10 и PM2.5 остануваат во воздухот токму на висината на која дишеме. Најситните честички се особено опасни бидејќи навлегуваат длабоко во белите дробови, а дел од нив можат да стигнат и до крвотокот.
Во 2025 година на мерната станица во Лисиче биле регистрирани 104 дена со надминување на дозволената концентрација на PM10 честички, во Центар 101, а кај Ректоратот 78 дена, иако законски дозволениот максимум е 35 дена годишно. Слично беше и во другите градови: најлошо било во Струмица, каде што 108 дена имало загадување над максимумот од 50 микрограми, а во Кавадарци и Кичево по 105 дена. Просечната годишна концентрација на PM10 била надмината на девет од вкупно 17 мерни места, а највисока била во Лисиче, со 49 микрограми на кубен метар. Најтешки беа 17 и 18 декември, кога концентрациите на PM10 два дена биле над 150 микрограми на кубен метар на пет локации во Скопје, што е праг на алармирање. Во Лисиче тогаш беа измерени 232, односно 266 микрограми, што е пет пати повеќе од дневната граница. Оваа сезона почна на сличен начин: ноемвриските мерења веќе бележат надминувања на дневната граница за ПМ10. Минатата година Лисиче имало 104 загадени дена, Центар 101.
Најопасни се ситните честички PM2.5, кои се речиси триесет пати потенки од влакно од коса. Тие лесно минуваат низ дишните патишта, се таложат длабоко во белите дробови, а дел од нив навлегуваат и во крвотокот. Краткотрајната изложеност предизвикува кашлица, отежнато дишење, иритација на очите и грлото и влошување на астмата и хроничната опструктивна белодробна болест. Долготрајната изложеност го зголемува ризикот од срцев удар, мозочен удар, хронични белодробни болести и рак на белите дробови. Меѓународната агенција за истражување на ракот уште во 2013 година го класифицираше загадениот надворешен воздух како канцероген за луѓето. Кај бремените жени изложеноста е поврзана со пониска родилна тежина и предвремено раѓање, а кај децата со послаб развој на белите дробови.
Загадениот воздух надлежните го поврзуваат со околу 3.500 предвремени смртни случаи годишно. Според профилот на State of Global Air, 10 отсто од смртните случаи кај доенчињата се припишуваат на загадениот воздух. Граѓаните со години излегуваат на улица. Во декември 2024 година илјадници демонстранти низ цела Македонија бараа почист воздух во градовите што се меѓу најзагадените во Европа, а во Скопје се собраа пред Министерството за животна средина, некои со гас-маски. Неколку недели подоцна, околу илјада луѓе маршираа низ Скопје, на вториот таков протест за помалку од еден месец, под мотото „Излези за чист воздух“. Порано родителите преку социјалните мрежи најавуваа и бојкот на наставата, со заканата дека нема да ги пуштаат децата на училиште во знак на револт против загадувањето.
Додека граѓаните се борат со системот, ова се неколку работи кои треба да ги направите за да се заштите. Првиот чекор кон заштита е да проверите каков е квалитетот на воздухот пред да излезете. Податоците од државните мерни станици се достапни на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, а постојат и бесплатни апликации како AirCare, IQAir AirVisual и AQICN, кои прикажуваат мерења во реално време и испраќаат известувања. Дневната гранична вредност за PM10 честичките во Европската Унија е 50 микрограми на кубен метар. Кога концентрациите значително ја надминуваат оваа вредност, воздухот претставува ризик за здравјето, особено за чувствителните групи.
Во деновите со високо загадување, препораките се да се избегнуваат активности на отворено, да се држат прозорците затворени, да се носат заштитни маски при излегување и да се користат прочистувачи на воздух во затворен простор. Трчањето и вежбањето на отворено е подобро да се одложат или да се префрлат во затворен простор, бидејќи при физички напор дишеме побрзо и вдишуваме поголеми количества воздух, а со тоа и повеќе загадувачки честички. Просториите треба да се проветруваат кратко, во периодите кога загадувањето е пониско. Во вечерните часови, кога греењето е во полн замав, концентрациите на загадувачки материи често се зголемуваат.
Не помага секоја маска. Платнените и обичните хируршки маски не обезбедуваат доволна заштита од најситните честички. Поефикасни се маските со ознака FFP2 или N95, но само доколку добро прилегаат на лицето и не пропуштаат воздух околу рабовите. Во домашни услови, најмногу помагаат прочистувачите на воздух со HEPA-филтер, избрани според големината на просторијата и со редовно заменување на филтрите. Посебно внимание треба да им се посвети на децата, постарите лица, бремените жени и луѓето со хронични заболувања на срцето и белите дробови.
Сепак, маските и прочистувачите се само мерки за лична заштита, а не решение за проблемот. Чист воздух нема да има без пристап до поевтино и почисто греење, контрола на согорувањето отпад и подобар јавен превоз. Затоа граѓанските иницијативи и младите секоја зима повторно го поставуваат истото барање: правото на чист воздух не смее да зависи од тоа колку некој може да си дозволи прочистувач.
