Поранешниот американски претседател Барак Обама изјави дека Доналд Трамп е опседнат со него, коментирајќи ги честите напади и спомнувања на неговото име. Во гостување во подкастот „All the Smoke“, Обама го оцени таквото однесување како „чудно“, додавајќи со доза иронија дека очигледно има „апартман во неговата глава“.
Обама, кој беше претседател од 2009 до 2017 година, рече дека додека бил на функција немал време да се занимава со изјави на политички противници или со тоа што прави неговиот претходник.
„Тие се веќе заминати. Јас имав работа која требаше да ја завршам“, рече тој, додавајќи дека фокусот мора да биде на задачите што ги носи функцијата.
Според него, начинот на кој Трамп постојано се враќа на него е „необичен“ и покажува дека не е целосно фокусиран на интересите на американските граѓани.
„Тоа ми покажува човек кој не е насочен кон американскиот народ и кон работата што треба да ја врши“, изјави Обама.
Тој додаде дека уште за време на неговиот мандат научил да ја игнорира „бучавата“ и да се фокусира на одлуките што се важни.
„Очигледно имам соба во неговата глава… подобро кажано, цел апартман“, додаде Обама.
Трамп често го спомнува Обама
Доналд Трамп со години го критикува Обама, почнувајќи уште пред да стане претседател, преку контроверзни тврдења за неговото потекло. Критиките продолжија и по доаѓањето на власт, каде што често го обвинува во говори, прес-конференции и објави на социјалните мрежи. Во една прилика Трамп дури го обвини Обама за „предавство“ поврзано со изборите во 2016 година, што предизвика остри реакции од неговиот тим.
Одговорите од двете страни со години ја одржуваат политичката тензија и јавната поларизација во САД.