Креативен ден 2026 годинава за првпат ја воведува статуетката „Искра“, ново признание со кое ќе им се оддаде почит на луѓето што со својата работа, визија и континуиран придонес ја обликуваат македонската модна сцена.
Од организаторите велат дека „Искра“ е замислена како симбол на енергијата, креативниот импулс и довербата што ја одржуваат модата жива и релевантна. Статуетката е инспирирана од младоста, движењето и креативноста, а е обликувана како разиграно романтично фустанче поставено на кројачка кукла, како метафора за идеја што се раѓа, се развива и добива форма.
Самото име носи повеќеслојна симболика. Од една страна, „Искра“ асоцира на првиот поттик што отвора нова промена, а од друга на тивката, но постојана сила што го одржува пламенот на креативноста и вербата во модата.
Креативен ден низ годините се развиваше како платформа што ги поврзува младите таленти, професионалците и поддржувачите на модата, отворајќи простор за едукација, изразување и соработка. Токму од таа континуирана работа, според организаторите, произлегла и потребата јавно да се препознаат оние што со личен и професионален интегритет придонесуваат за развојот и афирмацијата на модната сцена кај нас.
Новата статуетка е изработена со 3Д печатење од биоразградлив материјал, што е дел од определбата на Креативен ден за поодговорни и современи пристапи во создавањето.
Со ова признание, Креативен ден сака да им оддаде почит на луѓето кои не само што создаваат, туку и влијаат, охрабруваат и ја издигнуваат модата како култура и вредност во македонското општество.