Најмалку осум лица загинаа во раните утрински часови во нови израелски воздушни напади врз градот Газа, соопшти палестинската цивилна заштита. Според портпаролот Махмуд Басал, пет лица биле убиени во напад врз станбени објекти во северозападниот дел на градот, додека уште две лица загинале во напад на станбена зона во југозападниот дел на Газа. Едно лице го загубило животот и во воздушен напад врз куќа во бегалскиот камп Ал-Шати, кој се наоѓа западно од градот.
Во нападите биле повредени најмалку 15 лица.
Иако примирјето меѓу Израел и Хамас е во сила од октомври 2025 година, Појасот Газа и понатаму останува сцена на речиси секојдневни судири и воздушни напади. Според податоците на палестинското Министерство за здравство, кое функционира под администрација на Хамас, повеќе од 900 лица биле убиени од почетокот на примирјето. Конфликтот трае од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, по што следуваше двегодишна војна.
Првата фаза од договорот за примирје овозможи ослободување на преостанатите израелски заложници во Газа во замена за палестински затвореници што ги држеше Израел. Сепак, втората фаза, која требаше да доведе до разоружување на Хамас и постепено повлекување на израелската армија, останува блокирана.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатата недела изјави дека наредил проширување на воената контрола врз Појасот Газа на 70 проценти од територијата, во споредба со околу 60 проценти колку што израелските сили контролираат во моментов. Дополнителна ескалација предизвика и ликвидацијата на новиот командант на вооруженото крило на Хамас, Мохамед Одех, кој беше убиен во израелски воздушен напад кон крајот на мај, само 11 дена по убиството на неговиот претходник