Дванаесет лица загинаа, а повеќе од 300 се повредени во ракетниот напад врз меѓународниот аеродром „Крал Халид“ во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија. Одговорноста за нападот ја презедоа јеменските Хути, бунтовничка група поддржана од Иран, а меѓу загинатите има и американски државјанин.
Додека регионот се соочува со нова ескалација на насилството, новинарите на Франс прес јавија дека во централниот дел на Ријад одекнала уште една силна експлозија. Засега нема официјални информации за нејзината причина и за евентуалните последици, а нападот врз аеродромот е трет удар врз саудиската престолнина во само неколку дена.
Хутите најавуваат нови напади, Саудиска Арабија возвраќа
По нападот врз Ријад, Хутите испратија закана дека „најлошото допрва доаѓа“, најавувајќи продолжување на нападите врз Саудиска Арабија. Во меѓувреме, саудиските сили започнаа воздушни напади врз позиции на бунтовниците во околината на јеменскиот град Таиз, објави „Ал Арабија“, повикувајќи се на локални извори.
Телевизијата „Ал Масира“, која е под контрола на Хутите, објави и дека Саудиска Арабија извршила воздушен напад врз меѓународниот аеродром во Сана, главниот град на Јемен, кој е под контрола на бунтовниците. Саудиските власти засега официјално не го потврдија нападот, ниту се објавени податоци за причинетата штета.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон разгледува можност за напади врз Хутите. Во меѓувреме, американската амбасада во Саудиска Арабија издаде засилено безбедносно предупредување, со кое на вработените во американската влада им се бара посебно одобрение за користење на аеродромите во Ријад, Џеда и Дамам.
Амбасадата силно им препорачува и на американските државјани да го избегнуваат аеродромот во Ријад и околината, како и да бидат особено внимателни при користење на главните аеродроми во земјата. Летовите на аеродромот „Крал Халид“ се прекинати или пренасочени, а властите досега не објавиле целосни информации за последиците од нападот.
Властите молчат за размерите на нападот
Според „Гардијан“, саудиските власти објавиле малку официјални информации за нападите и за нивните последици. Освен одлуката наставата во училиштата и на универзитетите до крајот на неделата да се одвива онлајн, од Ријад нема пошироко јавно обраќање за безбедносната состојба.
Весникот наведува дека прекинот на летовите на најголемиот аеродром во земјата не бил официјално соопштен, туку информацијата се проширила преку сервиси за следење на воздушниот сообраќај. Отсуството на проверени информации дополнително ја зголемува неизвесноста, особено во услови кога Хутите најавуваат нови напади.
Според „Гардијан“, сличен пристап кон информирањето е забележан и во други земји од Персискиот Залив во последните седум месеци, во период на напади со ирански ракети и беспилотни летала. Властите ја оправдуваат ограничената комуникација со загриженоста за националната безбедност, но недостигот од потврдени информации остава простор за шпекулации и дополнителна вознемиреност кај јавноста.