Нови детали: Капетанот на „Флајдубаи“ бил нападнат со нож за време на летот

Капетанот бил нападнат со нож, додека летал, а израелските власти ја разгледуваат можноста за обид за терористички напад

Авион на „Флајдубаи“, кој леташе од Дубаи кон Тел Авив, денеска, 30 септември, принудно слета во Табук, Саудиска Арабија, по насилен инцидент во пилотската кабина. Авиокомпанијата потврди дека летот ФЗ1073 слета безбедно и дека сите патници се на сигурно.

Според тројца израелски претставници кои зборуваа за „Ројтерс“, постои сомнение дека копилотот го нападна капетанот со нож. Израелските власти ја разгледуваат можноста за обид за терористички напад, но околностите и мотивот сè уште се истражуваат.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека саудиските власти го уапсија пилотот кој го избоде својот колега и кој, според неговата изјава, очигледно се обиде да го урне авионот, пренесе „Асошиејтед прес“.

За време на инцидентот авионот нагло изгуби висина и испрати сигнали за итна состојба и за можно незаконско мешање во летот. Израелските власти подигнаа борбени авиони поради првичните сомневања за киднапирање. Леталото потоа беше пренасочено кон Саудиска Арабија.

Според сведочење пренесено од АП, луѓе во авионот интервенираа за да го совладаат напаѓачот и да ја вратат контролата врз леталото. Двајцата пилоти беа повредени и пренесени во болница, потврди аеродромот во Табук.

„Флајдубаи“ соопшти дека соработува со надлежните власти. Истрагата треба да утврди што точно се случи во кабината и дали нападот претставуваше намерен обид за уривање на авионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс