Нова студија: Разорниот земјотрес од 2011 година го поместил Јапонскиот Архипелаг кон исток

Разорниот потрес Тохоку го поместил Јапонскиот Архипелаг за 6 милиметри кон исток и направил тектонски распон од 3.000 километри.

Катастрофалниот земјотрес во Јапонија од 2011 година, кој предизвика разорно цунами и нуклеарна хаварија во Фукушима, ја поместил територијата на земјата кон исток за пет до шест милиметри. Ова го открива најновата научна студија на истражувачите од Универзитетот во Чикаго, објавена во престижното списание Science, а ја пренесува агенцијата „дпа“. Научниците за првпат во историјата детално пресметале како сеизмичките бранови предизвикале поместувања долж самите граници на тектонските плочи.

Погоденото подрачје на тектонскиот распон се протегало на околу 3.000 километри, што го прави најголемата зона на распукување на тлото некогаш забележана по само еден сеизмички настан. Земјотресот со јачина од 9.0 степени по Рихтер, познат како Тохоку, се случи на 11 март 2011 година во морето источно од Јапонија и остана запишан како најсилниот потрес во историјата на оваа земја. Цунамито што следуваше тогаш поплави над 500 квадратни километри од пацифичкиот брег, одземајќи повеќе од 20.000 животи.

Клучниот увид во новата студија доаѓа од анализата на таканаречените трансверзални бранови, кои биле регистрирани околу 13 минути по главниот удар, одбивајќи се од границата меѓу Земјината обвивка (плашт) и јадрото. Веднаш по овој процес, огромни делови од Јапонија се поместиле за неколку милиметри кон исток во однос на фиксната референтна точка во Кина, во близина на руската граница. Научниците нагласуваат дека ова е првпат во историјата на сеизмологијата директно да се набљудува и документира ваков глобален тектонски феномен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс