Експерти за сајбер безбедност предупредуваат за нова глобална измама која се шири преку WhatsApp, во која напаѓачи користат лажни деловни документи за ширење малициозен софтвер. Според истражувања на компанијата „Касперски“, нападите најчесто ги таргетираат корисниците на WhatsApp Desktop и WhatsApp Web, при што злонамерните пораки пристигнуваат од веќе компромитирани контакти, што ја зголемува веројатноста жртвите да им веруваат.
Пораките најчесто не содржат текст, туку прикачени датотеки кои изгледаат како фактури, финансиски извештаи или деловни документи. Отворањето на овие фајлови активира скрипти кои инсталираат малициозен софтвер на компјутерите со Windows оперативен систем. Напаѓачите користат сложени скрипти кои се маскирани како легитимни документи, а дел од кодот е дизајниран да ги заобиколи безбедносните заштити на системот и да ги исклучи корисничките предупредувања.
Во понатамошната фаза, малициозниот софтвер може да инсталира легитимни административни алатки кои напаѓачите ги злоупотребуваат за далечинска контрола и целосен пристап до заразениот уред. Според анализите, оваа кампања има глобален досег и се регистрирани случаи во повеќе земји ширум светот, при што најпогодени се корисници во Азија, но и во Европа, Јужна Америка и Океанија. Најризични се малите бизниси и корисници кои секојдневно разменуваат документи преку апликации за пораки, бидејќи лажните фајлови лесно се вклопуваат во нивната вообичаена комуникација.
Експертите апелираат на претпазливост и препорачуваат никогаш да не се отвораат сомнителни датотеки, дури и ако пристигнат од познат контакт, без претходна проверка преку друг канал. Исто така се препорачува сите преземени фајлови да се скенираат со ажуриран антивирус пред нивно отворање, со цел да се избегне инфекција и потенцијална целосна компромитација на системот.