Нов земјотрес со магнитуда од 6,1 ја погоди јужна Панама по серијата силни потреси

Засега нема пријави за жртви или материјална штета од најновиот земјотрес. Во претходните потреси беа повредени 27 лица, а стотици домови и јавни објекти беа оштетени

Нов земјотрес со магнитуда од 6,1 ја погоди јужна Панама во понеделникот вечерта, по серијата силни потреси што ја погодија земјата во претходните денови. Според првичните информации, засега нема пријави за жртви или материјална штета од најновиот земјотрес.

Американскиот геолошки завод (УСГС) соопшти дека потресот бил регистриран околу 18:20 часот по локално време, на длабочина од 10 километри. Епицентарот бил на околу 18 километри западно од градот Рио Гранде, објави Асошиејтед прес.

Серија силни земјотреси ја погоди Панама

Најновиот потрес следува по два силни земјотреса со магнитуди од 7,7 и 6,6 што ја погодија јужна Панама во петокот попладне, по кои биле регистрирани и низа последователни потреси. Епицентарот на првиот земјотрес бил во провинцијата Ерѐра, на длабочина од околу 10 километри, а тресењето било почувствувано и во соседна Колумбија.

По потресите, повеќе згради биле евакуирани, а дел од жителите ја поминале ноќта на отворено. Во саботата панамските власти прогласиле вонредна состојба поради последиците од земјотресите.

Според податоците на цивилната заштита објавени по претходните потреси, повредени биле 27 лица, а штета била регистрирана во сите десет провинции на земјата и во две области населени со домородни заедници. Биле оштетени околу 420 куќи, приближно исто толку училишта, седум хотели, најмалку 13 цркви и девет мостови. Во тој момент немало пријавени смртни случаи поврзани со земјотресите.

Оштетени патишта и евакуации по должината на Пацификот

Меѓу најпогодените биле централните провинции Верагуас, Ерѐра, Кокле и Лос Сантос. На некои места се урнале згради, додека свлечишта и оштетени патишта оставиле одделни заедници отсечени од околината.

На пацифичкиот остров Исла Кањас биле евакуирани околу 300 луѓе поради покачувањето на нивото на морето и силните бранови. Во меѓувреме, земјотресите привремено го прекинале и работењето на меѓународниот аеродром Токумен во главниот град Панама Сити, пред тој повторно да биде отворен неколку часа подоцна.

По најновиот потрес, засега нема пријави за нови жртви или штета. Состојбата и последиците од серијата земјотреси остануваат предмет на следење од страна на надлежните служби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс