Горивото во Германија повторно поскапува, а најголем удар трпат возачите на дизел-автомобили. Според најновата анализа на Германскиот автомобилски клуб (ADAC), август бил најскапиот месец досега за бензинот Super E10, додека просечната цена на дизелот бележи уште поизразен раст. Во август, литар Super E10 во просек чинел 2,145 евра, што е речиси пет центи повеќе во споредба со јули.
Кај дизелот поскапувањето било уште поголемо. Цената во просек пораснала за нешто помалку од 13 центи, па возачите во август плаќале 2,223 евра за литар.
23 август бил најскап за точење гориво
Најнеповолен ден за возачите бил 23 август, кога цените на двете најкористени горива достигнале месечен максимум. Super E10 тој ден чинел во просек 2,188 евра за литар, додека дизелот достигнал 2,283 евра за литар. Од друга страна, 9 август бил најевтиниот ден во месецот. Тогаш литар Super E10 чинел просечно 2,095 евра, а дизелот 2,162 евра.
ADAC: Цените не можат да се оправдаат само со нафтата
Од ADAC оценуваат дека актуелно високите цени на горивото не можат целосно да се објаснат само со движењето на цената на суровата нафта. Како пример се наведува цената на северноморската нафта Brent. Иако во април цената на барелот во одредени периоди надминувала 100 американски долари, просечната цена на Super E10 тогаш била значително пониска отколку во август.
На крајната цена на горивото, покрај цената на суровата нафта, влијаат и трошоците за преработка, транспорт и дистрибуција, како и даноците и другите давачки. Сепак, според ADAC, разликата во цените во однос на претходните месеци тешко може да се оправда само со овие фактори.
Апликација за поевтино точење
За возачите полесно да ги најдат најповолните цени, ADAC ја нуди апликацијата ADAC Drive, преку која во реално време можат да се споредуваат цените на горивото на повеќе од 14.000 бензински станици во Германија. Цените се ажурираат во текот на целиот ден, што им овозможува на возачите да изберат бензинска станица каде што во моментот горивото е поевтино.