Русија во текот на ноќта изврши нов бран напади врз Украина со дронови и ракети, при што беа погодени јужниот град Oдеса и градот Dнипро на југоистокот на земјата. Според украинските власти, во Одеса дронови погодиле станбени згради, училиште и детска градинка. Во нападот се повредени 11-годишно момче и 59-годишен маж.
Началникот на локалната воена администрација преку Телеграм соопшти дека нападот предизвикал значителна материјална штета во делови од градот, кој претставува едно од најважните украински црноморски пристаништа. Истовремено, руски проектили го погодија и градот Днипро, каде што според регионалниот гувернер се повредени најмалку три лица.
Агенцијата Ројтерс наведува дека информациите од боиштето засега не можат независно да бидат потврдени. И Москва и Киев и понатаму негираат дека намерно таргетираат цивилни објекти, иако во последните месеци во нападите често страдаат станбени населби и цивилна инфраструктура.