Брисел бара пари од пушачите за следниот седумгодишен буџет на ЕУ

Брисел планира со повисоки давачки за цигарите да го крпи седумгодишниот буџет, а мерката удира најсилно по земјите каде што најмногу се пуши.

Европската унија разгледува воведување нов данок на тутунските производи како директен сопствен приход за заедничкиот европски буџет. Прашањето беше отворено на состанокот на Советот за општи работи во Брисел посветен на финансиската рамка за периодот од 2028 до 2034 година. Планот на Европската комисија има цел да обезбеди свежи средства во касата без директно зголемување на уплатите од земјите членки, но иницијативата веќе наидува на отпор кај дел од државите.

На масата на европските министри се најдоа предлози за воведување нови паневропски давачки со кои би се финансирале заедничките политики во следниот седумгодишен буџетски циклус. Покрај механизмот за прекугранично оданочување на јаглеродот (CBAM), Европската комисија предложи дел од парите од продажбата на емисиските единици (ETS), но и сосема нов европски данок на тутунските производи, да се пренасочат директно во заедничкиот буџет на Унијата.

Целта на ваквиот модел е Брисел да создаде стабилни сопствени извори на финансирање. Тоа би значело дека потрошувачите при секое купување цигари ќе плаќаат дополнителна давачка наменета за европските фондови, наместо парите од акцизите да завршуваат исклучиво во националните трезори.

Иницијативата веднаш отвори сериозен јаз меѓу земјите членки, особено поради огромните разлики во навиките на граѓаните и економскиот стандард. Државите каде што процентот на пушачи е висок посочуваат дека ваквиот данок создава длабока нерамноправност.

Додека во високоразвиените општества, како Шведска, употребата на традиционални тутунски производи е сведена на минимум, во јужните и помалку развиените членки пуши значителен дел од населението. Во таква констелација, граѓаните од економски поранливите држави би плаќале значително поголем удел во заедничкиот буџет во споредба со граѓаните од најбогатите земји, што ги поткопува основните принципи на солидарност во Унијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс