Норвешка подготвува забрана за социјални мрежи за деца под 16 години

Норвешка најави предлог-закон со кој на децата под 16 години ќе им се забрани користење социјални мрежи, а технолошките компании ќе ја проверуваат возраста.

Норвешката влада најави законски предлог со кој технолошките компании ќе бидат одговорни за проверка на возраста на корисниците.

Норвешка денеска објави дека до крајот на годината ќе претстави предлог-закон со кој на децата помлади од 16 години ќе им се забрани користење социјални мрежи. Според најавата, технолошките компании ќе бидат задолжени и одговорни за проверка на возраста на корисниците.

Норвешката влада ја најавува мерката во период кога повеќе европски земји се обидуваат да го ограничат користењето на социјалните мрежи кај децата. Сличен чекор претходно презеде Австралија, која воведе забрана за користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години.

„Овој закон го воведуваме затоа што сакаме децата да имаат детство во кое можат да бидат деца. Алгоритмите и екраните не смеат да имаат приоритет пред играта, пријателствата и секојдневниот живот. Ова е важна мерка за заштита на дигиталниот аспект во животот на децата“, изјави премиерот Јонас Гар Стере.

Владата засега не објави на кои апликации ќе се однесуваат мерките.

Австралиската забрана опфати апликации на „Мета“, како „Инстаграм“ и „Фејсбук“, како и „ТикТок“, „Снепчет“, „Јутјуб“ на „Гугл“ и „Икс“ на Илон Маск, поранешен „Твитер“.

Од „Јутјуб“ соопштија дека повеќе од една деценија вложуваат во безбедноста на децата, со цел нивните платформи да понудат искуства соодветни на возраста и поголема сигурност за родителите.

„На тој начин овозможуваме пристап до учење за милиони млади и истовремено спречуваме младите да бидат насочени кон помалку безбедни места на интернет“, стои во соопштението на компанијата.

Норвешка ќе го претстави предлог-законот во парламентот до крајот на 2026 година, соопшти малцинската лабуристичка влада.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни