Норвешка го елиминира Бразил од Свтетското првенство

Норвешка со двата гола на Ерлинг Халанд го елиминира Бразил од Светското првенство, додека Англија со играч помалку го совлада домаќинот Мексико со 3:2 и обезбеди место во четвртфиналето.
epa13073320 Vinicius Junior of Brazil in action during the FIFA World Cup 2026 Round of 32 match Brazil against Japan, in Houston, USA, 29 June 2026. EPA/SAM WASSON


Во најголемото изненадување на мундијалот, Норвешка славеше со 2:1 против петкратниот светски шампион Бразил. Херој на натпреварот беше Ерлинг Халанд, кој со головите во 80. и 90. минута ја запечати сензацијата. Нејмар во десеттата минута од судиското продолжение само го ублажи поразот од пенал.

Натпреварот започна динамично. Норвежаните уште во третата минута ја затресоа мрежата преку Берг, но погодокот беше поништен поради офсајд. Бразил во 13. минута доби пенал по прекршок врз Куња, но Бруно Гимараеш не успеа да го совлада извонредниот голман Ниланд. До крајот на првото полувреме Бразил беше поконкретен, а Винисиус Жуниор пропушти одлична можност. Од другата страна, Одегард се закани пред паузата, но Алисон одбрани.

Во второто полувреме Бразил дополнително го засили притисокот. Младиот Ендрик веднаш по влегувањето во игра промаши стопроцентна шанса, а во 68. минута на теренот се појави и Нејмар. Казната стигна во 80. минута кога Халанд со удар со глава го отвори резултатот. Бразилците тргнаа на сè или ништо, но Ниланд повторно блесна со неколку интервенции. Во 90. минута Халанд со силен удар го постигна својот втор гол за 2:0, пред Нејмар од пенал во судиското продолжение да ги постави конечните 2:1.

Англија го преживеа пеколот на „Ацтека“

Во вториот осминафинален дуел, Англија во драматичен натпревар го совлада домаќинот Мексико со 3:2 и обезбеди место меѓу осумте најдобри. Џуд Белингам беше главната фигура во првото полувреме. Тој најпрво погоди со глава во 36. минута, а само две минути подоцна повторно ја затресе мрежата по одлична комбинација со Хари Кејн. Мексико успеа да се врати во игра пред паузата кога Хулијан Кињонес намали на 2:1 во 42. минута.

Во второто полувреме Англија остана со играч помалку по директниот црвен картон за Џарел Кванса во 53. минута. Сепак, и покрај тоа, Англичаните добија пенал, кој Хари Кејн сигурно го реализираше за 3:1. Само десетина минути подоцна, Мексико возврати со погодок од пенал преку Раул Хименес и намали на 3:2.

Во финишот домаќините жестоко притискаа и создадоа неколку опасни ситуации пред голот на Џордан Пикфорд, но Англија успеа да го издржи налетот и по 11 минути судиско продолжение го завери пласманот во четвртфиналето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс