Search

Нормализирање на злото

“At the end of the day when everyone′s resigned
 To the heart of the matter and the measures in mind
 King Zog’s back from holiday, Marie Lupescu′s grey
 And King Alexander is dead in Marseilles“
Pet Shop Boys – Don Juan

Дон Хуан. Најнепознатата песна на еден од најпознатите бендови во светот, Pet Shop Boys. Зборови напишани од вокалистот Нил Тенант во далечната 1978, пред воопшто да постои бендот. Опскурна лирика, вистински интелектуален предизвик дури и за образованиот слушател. Алегорија за политичката ситуација на Балканот пред Втората светска војна и смртоносниот наци шарм, при заведувањето на тие мали, комични јужноевропски монархии. Дон Хуан, бесрамен заводник, уништувач на животи, силувач и убиец од пост ренесансната литературата – омекнуван преку поп културата на вековите што следат и конечно сосем нормализиран од филмската индустрија во триесеттите, овде е метафора за Хитлер од тоа токсично време. Нормализирање на злото: со тоа се занимава оваа песна на популарните Пет Шоп Бојс.

Во “старите добри времиња“, Хитлер беше олицетворение на злото. Достоен третман за човекот кој ја предизвика и започна Втората светска војна, која донесе безумни злодела и однесе некаде помеѓу 70 и 85 милиони животи. Колку учиме од историјата, покажува фактот дека хитлеровата доктрина – книгата “Mein Kampf”, денес може да се набави во било кој супермаркет, или попатно на секоја бензинска пумпа. Нацистичката есенција е достапна како чоколада. “Хитлер и не бил така лош човек“ вели таксистот, додека те вози низ ослободено Скопје. Совршени општествени услови за намножување хитлерчиња.

Врие хитлерчиња. Путин, Хамас, Нетанјаху, Трамп… Трамп е Хитлер од ТВ Задруга, со искрена намера да запали оган. Вучиќ се обидува да се претстави како Тито, но сепак повеќе личи на Хитлер. Типичен профил на српски политичар кој би соработувал со нацистите во Втората светска војна (Љотиќ, Недиќ). Врие хитлерчиња и во Никогаш Северна. Биле на власт, или се токмат да бидат, преку гадна злоупотреба на демократијата. Мрачни ликови, недоквакани човечиња, подготвени да газат преку лешеви за да ги задоволат сопствените ниски страсти. Легални, популарни манијаци, кои мобилизираат армија гласачи за укинување на демократијата. Турбо фолк. Нормализирано зло.

На патот кон Втората светска војна, во 1934-5 година, во една од оние комични балкански монархии, еден вонсериски поет служи затворска казна во Сремска Митровица, популарно “одморалиште“ за комунисти во тогашното Кралство Југославија. Конечно и современата македонска држава се сети да сними филм (серија) за својот Вергилиј, својот Бајрон, Гете… Својот Коста Рацин. Онака како што го дал Бог, Кочо им зборува, им рецитира на другарите во ќелијата. Вели, југословенскиот крал Александар е убиен во Париз. Вели тоа ќе биде од голема корист за уривање на диктатурата во тогашна Југославија. Само што тој никогаш не би го рекол тоа. Кралот навистина е убиен, но не во Париз, туку во Марсеј, а најголема корист од атентатот има нарачателот Адолф Хитлер и неговите јужнословенски слуги, извршители на чинот. Црвениот поет не е виновен што ние, денес, во слободна Македонија ниту ја знаеме, а уште помалку ја разбираме историјата, па му ја полниме устата со небулози. Непознавањето и неразбирањето на историјата одат во корист на нормализирање на злото.

Но, да се вратиме на Пет Шоп Бојс и нивната фабулозна песна за легендарниот сексуален предатор Дон Хуан. Јасно е дека лиричарот, господинот Тенант, демонстрира совршено познавање и разбирање на историјата во текстот. Не било која историја, туку НАШАТА. Ако се прашувавте зошто целиот свет зборува англиски, но и одговор на прашањето зошто скулптурите на Партенон се наоѓаат во Британскиот Музеј. Ми делува неумесно, денешните (комични) балкански републики да брзаат да ги вратат своите легендарни археолошки артефакти “дома“. Се плашам дека повторно би ги претвориле во депонии. Предлагам Англичаните да ги почуваат уште некое време, барем додека не добиеме 5ка по историја.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни