На регионалниот самит во Талин, на кој присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски, лидерите на Шведска, Норвешка, Финска, Данска, Исланд, Литванија, Латвија и Естонија порачаа дека ја поддржуваат Украина на нејзиниот „неповратен пат“ кон НАТО и ЕУ.
Во заедничката декларација беше нагласено дека Украина денес претставува значаен стратешки партнер за Алијансата, благодарение на искуството стекнато на бојното поле, развојот на нови воени технологии и нејзините одбранбени капацитети.
„Украина директно придонесува за евроатлантската безбедност и заслужува целосна интеграција во западните структури“, се наведува во документот.
Лидерите го поздравија и учеството на Украина на претстојниот самит на НАТО, кој ќе се одржи на 7 и 8 јули во Анкара. Во рамки на средбата, новиот латвиски премиер Андрис Кулбергс и Зеленски потпишаа договор за одбранбена соработка, со кој Латвија ќе добие пристап до украинските искуства и технологии за заштита од напади со беспилотни летала.
Балтичките држави во последните недели предупредуваат на зголемен број инциденти со дронови во близина на нивните граници, што дополнително ги засилува безбедносните грижи во регионот. На самитот преку видеоврска се обрати и францускиот претседател Емануел Макрон, кој ја потврди поддршката на Франција за Украина и зајакнатото присуство на НАТО на источниот дел од Европа.
Макрон оцени дека Русија не ги постигнува своите стратешки цели во Украина и предупреди дека Москва продолжува со провокации кон соседните земји во обид да изврши дополнителен притисок врз регионот. Средбата во Талин уште еднаш покажа дека северна и источна Европа остануваат меѓу најсилните поддржувачи на Украина во нејзините напори за членство во НАТО и Европската Унија.