Мануел Нојер, 40-годишниот германски голман, објави дека дефинитивно ќе ја напушти репрезентацијата по завршувањето на Светското првенство на северноамериканско тло.
Тој го потврди ова пред натпреварот од второто коло од Групата Е помеѓу Германија и Брегот на Слоновата Коска, кој ќе се игра во Торонто оваа сабота, со почеток во 22 часот. Во првото коло, Германија го победи Курасао со 7:1, а на голот на Германија беше токму Нојер.
„Ова е мојот последен голем турнир со Германија. Немам планови за Европското првенство, за две години. Сакам да живеам опуштен живот и да не мислам постојано на последниот натпревар и збогувањето“, рече Нојер.
Легендарниот голман на Баерн и одигра 125 натпревари за репрезентацијата во текот на својата одлична кариера, а го најави своето прво збогување по Европското првенство во 2024 година. Сепак, тој одлучи да се врати пред ова Светско првенство, иако направи двегодишна пауза, не играјќи ниту една минута во квалификациите за Светското првенство.
„Решив да се вратам, бидејќи верувам дека овој тим може да оди до крај, до светската титула уште еднаш. Да не видов можност за нешто вакво, сигурно немаше да бидам тука денес“, рече Нојер, кој го освои Светското првенство со Германија во 2014 година. На првенството во Бразил, Нојер беше прогласен за најдобар голман и имаше најмногу натпревари без примен гол.
Нојер го имаше своето деби за националниот тим во 2009 година.