Николас Кејџ одби вештачка интелигенција за „Спајдер-Ноар“ и најави крај на соработката со Амазон

Одбивајќи да отстапи права за вештачка интелигенција, актерот порача дека не сака да биде дел од клубот на големите технолошки студија.
Фото: nicolas genin from Paris, France, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Николас Кејџ јавно го потврди своето повлекување од проектите на Амазон откако одби да потпише согласност за користење вештачка интелигенција во претстојната серија „Спајдер Ноар“. За време на панелот на њујоршкиот Комик Кон, актерот истакна дека не поддржува вакви технологии и најави дека во иднина ќе се фокусира на соработка со помлади филмаџии кои негуваат традиционален пристап кон кинематографијата.

Говорејќи пред публиката во Њујорк, Кејџ директно ја посочи деловната политика на Амазон како главна причина за прекинот на соработката. Тој потсети на нивните масивни вложувања во нови технолошки решенија, споменувајќи ја сумата од 50 милијарди долари инвестирана во развој на вештачка интелигенција.

„Јас не сум актер кој поддржува ВИ. Ниту сум дел од тој клуб, ниту потпишав согласност за нејзино користење во ‘Спајдер Ноар’. Верувам дека повеќе нема да работам за тој студио, но тоа е во ред“, изјави Кејџ.

Наместо да се потпира на големите продукциски куќи кои се свртуваат кон алгоритамски решенија, актерот планира целосно да го промени курсот. Неговиот следен чекор вклучува работа со помлади автори, особено режисери од генерацијата Зет кои преферираат традиционален начин на снимање.

Оваа одлука не значи крај на неговата кариера. Кејџ веќе најави учество во петтата сезона на серијата „Тру Детектив“ во продукција на ХБО, како и главна улога во новиот трилер „Периш“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс