Никола Коџабашија, еден од најистакнатите претставници на македонската музичка авангарда, го претставува новиот проект ТЕГЕТ со издание за „Филтер Лабел“.
Коџабашија подолго време живее и работи во Велика Британија, каде што неговите албумски изданија и музика за театарски претстави редовно добиваат одлични рецензии во реномирани медиуми.
И покрај редовните ангажмани во странство, тој повремено изненадува со паралелни проекти наменети и за македонската публика.
Како музички камелеон, со секое ново издание Коџабашија влегува во поинаков музички простор и ги истражува границите на познатите жанрови.
Еден таков пример беше албумот „Penelope X“, објавен за „Filter Label“ во 2011 година, снимен со „Фолтин“ и Гоце Стевковски, на кој успешно се преиспитуваа дефиницијата и формата на поп-музиката.
Петнаесет години подоцна, Коџабашија се враќа со проект што е дијаметрално спротивен од претходниот.
Колектив од истакнати музичари
Колективот ТЕГЕТ е составен од истакнати музичари кои повеќе децении творат во џез, рок и авангардната музика.
Во составот се Благојче Томевски Трале на бас кларинет, Нинослав Спировски Нино на тенор и сопран саксофон, Филип Букршлиев Бука, Ади Имери и Александар Поп Христов на електрична гитара, Дориан Јовановиќ на фретлес бас гитара, Влатко Јаневски на бас гитара, Дарио Циевски Цио на тапани, Панче Бујуклиев на синтисајзер и Никола Коџабашија на електрично пијано, синтисајзер и семплер.
Материјалот на новото издание „3 Ambient Pieces for Chamber Ensemble“ е снимен на нивниот концерт во МКЦ во август минатата година.
Музика што не се вклопува во една жанровска рамка
Новото EP содржи три композиции чија жанровска определба не е едноставна.
Авангарден рок, фри џез, амбиент — или од сè по малку — останува отворено прашање за слушателите.
„3 Ambient Pieces for Chamber Ensemble“ на Никола Коџабашија и ТЕГЕТ може да се слушне и преземе преку линкот: https://filterlabel.fanlink.tv/teget