Вкупно 11 повредени побарале медицинска помош по невремето во Скопје

Еден од пациентите е повреден од паднато дрво, а друг од покривни керамиди по силниот ветер во главниот град.

Вкупно 11 лица побарале медицинска помош во Скопје по силното невремето што попладнево го зафати главниот град. Меѓу повредените има граѓани со посекотини и набиеници предизвикани од силниот ветер и предмети кои летале.

Според првичните информации од медицинските екипи, еден од пациентите бил повреден откако врз него паднало дрво, додека друг се здобил со повреди од ќерамиди што паднале од оштетен покрив.

Шест од повредените помош побарале во Градска болница, четири лица на Ургентен центар, а едно лице само се пријавило во Клиничката болница „8 Септември“.

Сите шест пациенти се под постојан надзор и медицинска грижа во Старата градска болница. Општинските и градските служби продолжуваат со интервенции на повеќе локации низ Скопје.

Силниот ветер предизвика сериозни штети низ главниот град, каде што има паднати дрвја, оштетени покривни конструкции, блокирани сообраќајници и оштетени паркирани возила.

Поради настанатата ситуација, Град Скопје отвори директна телефонска линија каде што граѓаните можат да пријават штети или да побараат итна помош од градските служби.

Сите граѓани на кои им е потребна поддршка или се наоѓаат во итна состојба можат да се јават на телефонскиот број: +389 78 207 687.

е-Трн да боцка во твојот инбокс