Македонија од почетокот на новата работна недела повторно ќе се соочи со изразена атмосферска нестабилност, која на повеќе места ќе донесе поројни врнежи од дожд, грмежи, засилен ветер и услови за локално невреме.
Според метеоролозите, уште денеска во попладневните часови во западните и северозападните планински предели ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи. Дневните температури ќе достигнат од 29 до 36 степени, додека во Скопје се очекуваат околу 34 степени.
Под влијание на фронтална долина со посвеж воздух во повисоките слоеви на атмосферата, од понеделник до среда ќе се создаваат влажни воздушни бранови кои ќе предизвикуваат честа нестабилност низ земјата. Локално се очекуваат поинтензивни процеси со обилен пороен дожд, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град, кој на одредени места може да биде и покрупен.
Услови за невреме ќе има и во Скопскиот регион, каде што во текот на следните три дена се можни силни грмежи, краткотрајни интензивни врнежи и локална појава на град. Метеоролошките прогнози укажуваат дека на одделни локации може да наврнат повеќе од 30 литри дожд на метар квадратен за краток временски период.
И покрај нестабилното време, температурите ќе останат релативно високи. Во понеделник максималната температура ќе достигнува од 28 до 36 степени, а во Скопје околу 33 до 34 степени. Во вторник и среда ќе има мало освежување, со температури од 27 до 34 степени, додека во главниот град тие ќе се движат околу 31 до 32 степени. Утринските температури ќе останат пријатно топли и ќе се движат меѓу 12 и 18 степени, а во Скопје околу 17 степени.