Речиси секој трет млад човек во Македонија кој е активен на пазарот на трудот нема работа. Со стапка на невработеност од 29 отсто кај лицата на возраст од 15 до 24 години, земјава е трета меѓу 35 европски држави во анализата на „Еуроњуз бизнис“, заснована на податоци на Евростат за вториот квартал од 2026 година. Полоши резултати имаат само Босна и Херцеговина и Романија.
Балканот со највисока невработеност кај младите
Во вториот квартал од 2026 година, невработеноста кај младите на возраст од 15 до 24 години во Босна и Херцеговина изнесувала 32,2 отсто. Следува Романија со 30,7 отсто, а Македонија е трета со 29 отсто. Во групата земји во кои најмалку еден од пет млади активни на пазарот на трудот не може да најде работа се и Шведска со 24,9 отсто, Србија со 24,2, Шпанија со 23,9, Финска со 23,2, Естонија со 22,8, Франција со 21,6 и Хрватска со 20 отсто.
На спротивниот крај се Малта со 6,8 отсто и Германија со 7,3 отсто. Под 10 отсто се и Холандија со 8,6, Швајцарија со 9,2 и Австрија со 9,7 отсто. Разликите се видливи и меѓу најголемите економии во Европската Унија. Германија има стапка од 7,3 отсто, додека во Италија таа изнесува 18,2, во Франција 21,6, а во Шпанија 23,9 отсто.
Невработеноста кај младите во ЕУ е трипати повисока од онаа кај повозрасните
Во Европската Унија, стапката на невработеност кај младите во вториот квартал од 2026 година изнесувала 15,6 отсто. Кај лицата на возраст од 25 до 74 години била 5,2 отсто, односно трипати пониска. Но, споредбата меѓу земјите не ја покажува целосната слика. Во некои држави невработеноста кај младите е релативно ниска, но сепак е многукратно повисока од онаа кај повозрасните.
Романија има најголем јаз меѓу двете возрасни групи. Разликата изнесува 25,5 процентни поени, а невработеноста кај младите е 5,9 пати повисока од онаа кај лицата на возраст од 25 до 74 години. Во Хрватска и Обединетото Кралство стапката кај младите е најмалку петпати повисока од онаа кај повозрасните. Во Хрватска невработеноста кај младите изнесува 20 отсто, наспроти 3,8 отсто кај повозрасните. Во Обединетото Кралство соодносот е 15,6 наспроти 3,1 отсто.
И ниската невработеност може да крие голем јаз
Полска, Чешка и Норвешка имаат релативно ниска невработеност кај младите, но разликата во однос на повозрасните е голема. Во Полска стапката кај младите е 11,8 отсто, а кај повозрасните 2,8. Во Чешка соодносот е 10,4 наспроти 2,6 отсто, а во Норвешка 13 наспроти 3,1 отсто.
Од друга страна, Шпанија има една од највисоките стапки на невработеност кај младите – 23,9 отсто, но и невработеноста кај повозрасните е висока и изнесува 9 отсто. Затоа разликата меѓу двете групи е помала отколку во земји со пониска вкупна невработеност. Во Грција, на пример, стапката кај младите е 18,4 отсто, а кај повозрасните 7,7 отсто.
Недостигот од искуство и несигурните договори ја отежнуваат првата работа
Повисоката невработеност кај младите делумно е очекувана, објаснуваат експертите за „Еуроњуз бизнис“. Младите се на почетокот на професионалниот пат, имаат помалку работно искуство и често сè уште го запознаваат пазарот на трудот. Сара Елдер, раководителка на Одделот за анализа на вработувањето и економска политика во Меѓународната организација на трудот, посочува дека работодавачите често избираат кандидати со повеќе искуство. Младите, пак, може да поминат подолго време барајќи работа што одговара на нивните способности и очекувања.
Влијае и начинот на кој се пресметува стапката на невработеност. Во неа влегуваат само лицата што се дел од работната сила – оние што работат или активно бараат работа. Младите што продолжуваат со образование и не бараат работа, како и оние што се откажале од барањето, не се вклучуваат во пресметката.
Елдер предупредува и дека младите се поранливи во периоди на економски кризи: последни се вработуваат, а први ги губат работните места кога компаниите ги намалуваат трошоците. Мајкл Зигенталер од швајцарскиот економски институт КОФ при ЕТХ Цирих објаснува дека преминот од образование кон работа, испробувањето различни работни места и барањето соодветен професионален ангажман бараат време.
Професорот Хуан Х. Доладо од Универзитетот „Карлос Трети“ во Мадрид ја споредува нестабилноста на првите работни односи со личните врски: младите почесто ги прекинуваат работните ангажмани затоа што и тие и работодавачите сè уште проценуваат дали соработката им одговара.
Што се смета за нормална разлика?
Според Елдер, соодносот меѓу невработеноста кај младите и кај повозрасните може да покаже дали младите се соочуваат со дополнителни пречки при вработувањето. Разлика од два до трипати може да се смета за вообичаена, додека сооднос над три укажува на посебни тешкотии со кои се соочуваат младите при барањето работа.
Таа ги посочува Австрија, Германија и Швајцарија како примери на земји со системи што им го олеснуваат преминот на младите од образование кон вработување. Особено важни се дуалните образовни модели, во кои наставата се комбинира со практична обука во компаниите, како и субвенционираните програми за чиракување.
Доладо, пак, предупредува дека прекумерната зависност од краткорочни и привремени договори може да создаде долгорочни последици. Честите отпуштања и кратките работни ангажмани можат да остават трага врз понатамошната кариера на младите, намалувајќи им ги можностите за стабилно вработување и професионален развој.
