„Невообичаена закана“: Трамп ја продолжува вонредната состојба за Западен Балкан

Мерките се однесуваат на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија

Соединетите Американски Држави ја продолжија вонредната состојба во земјата за уште една година поврзана со Западен Балкан, оценувајќи дека активностите што го загрозуваат мирот, стабилноста и демократското управување во регионот продолжуваат да претставуваат закана за американската национална безбедност и надворешна политика, пишува N1 Serbia .

Во претседателскиот документ објавен на 24 јуни се наведува дека дејствијата на поединци и групи што го загрозуваат мирот, меѓународните напори за стабилизирање на регионот, како и активностите што го попречуваат демократскиот развој и евроатлантската интеграција на земјите од Западен Балкан, продолжуваат да претставуваат „вонредна и невообичаена закана“ за интересите на САД.

Вонредна состојба првпат беше прогласена од американскиот претседател Џорџ В. Буш на 26 јуни 2001 година, со Извршната наредба 13219, која овозможи замрзнување на средствата на поединци и организации што ја загрозуваат стабилноста на регионот.

Мерката се однесуваше на актери поврзани со екстремистичко насилство во тогашна Македонија, попречување на спроведувањето на Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН за Косово.

Поткопување на мировните договори, корупцијата,…

Регулативата беше проширена во 2003 година за да вклучи активности што го попречуваат спроведувањето на Охридскиот договор во Северна Македонија, а беше дополнително проширена во 2021 година со извршна наредба на претседателот Џо Бајден. Во тоа време, меѓу наведените причини беше поткопувањето на повоените договори и институции создадени по распадот на поранешна Југославија и широко распространетата корупција што го попречува демократскиот развој и интеграцијата на регионот во евроатлантските структури.

На почетокот на 2025 година беше донесен нов извршен декрет, кој вклучуваше обиди за загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите од Западен Балкан, поткопување на мировните договори, сериозна корупција и избегнување на американските санкции.

Кој е под вонредни мерки?

Извршните наредби на САД не наведуваат конкретно поединци или организации, но обезбедуваат правна рамка за воведување санкции врз поединци, компании и други субјекти за кои Вашингтон смета дека дејствуваат против стабилноста и демократскиот развој на регионот.

Мерките се однесуваат на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс