Неверојатна ВАР-драма на СП: Уругвај остана без победа поради офсајд што ретко се гледа

Уругвај беше на чекор до победа против Зеленортските Острови, но ВАР поништи гол поради необична офсајд-ситуација. Натпреварот заврши 2:2 и дополнително ја искомплицира ситуацијата во групата.
epa13053138 A match ball on display ahead of the FIFA World Cup 2026 group stage match Ecuador against Curacao, in Kansas City, USA, 20 June 2026. EPA/AMY KONTRAS

Фудбалската репрезентација на Уругвај се најде во сериозни проблеми на Светското првенство откако ремизираше 2:2 против Зеленортските Острови и пропушти голема можност да стигне до првата победа на турнирот. Најконтроверзниот момент се случи во 68. минута, кога Уругвај постигна гол за водство и големо славје. Сепак, по интервенција од ВАР-собата, погодокот беше поништен поради несекојдневна офсајд-ситуација.

По изведен корнер од Максимилијано Араухо, топката се одби назад кон него. Уругваецот повторно ја прими и центрираше во шеснаесетникот, по што настана голема мешаница пред голот на Зеленортските Острови и топката заврши во мрежата. Иако на гол-линијата стоеше дефанзивец на африканската селекција, судиите по прегледувањето на снимката утврдија дека еден фудбалер на Уругвај бил во офсајд. Причината била тоа што во моментот на упатување на топката едната негова нога се наоѓала надвор од теренот, зад гол-аут линијата, поради што се сметал за играч кој активно учествува во акцијата од недозволена позиција.

Поништениот гол ги чинеше Уругвајците два драгоцени бода. Натпреварот инаку понуди многу возбудувања. Зеленортските Острови поведоа во 21. минута преку Кевин Пина Ленини, кој го постигна првиот гол во историјата на својата репрезентација на Светските првенства.

Уругвај возврати пред паузата со головите на Максимилијано Араухо во 44. минута и Агустин Канобио во судиското продолжение на првото полувреме за пресврт од 2:1. Во вториот дел Елио Варела ја искористи големата грешка на одбраната на Уругвај и во 61. минута израмни на 2:2, резултат кој остана до крајот.

По две кола во групата, Шпанија е лидер со четири бода, додека Зеленортските Острови и Уругвај имаат по два. Саудиска Арабија е последна со еден бод. Во последното коло Уругвај го очекува тежок дуел против Шпанија, додека Зеленортските Острови ќе се соочат со Саудиска Арабија во битката за пласман во нокаут-фазата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс