Бенјамин Нетанјаху тајно ги посетил Обединети Арапски Емирати во екот на војната со Иран, соопшти кабинетот на израелскиот премиер. Според информациите, Нетанјаху за време на операцијата „Рика на лавот“ се сретнал со претседателот на ОАЕ, Мохамед бин Зајед. Како што пренесува Al Jazeera, средбата била одржана далеку од очите на јавноста, во период кога регионот се наоѓал на раб на поширок конфликт.
„Оваа посета доведе до историски пробив во односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати“, се наведува во официјалното соопштение.
Тајни операции и страв од нова војна
Посетата се случила во време на драматично зголемени тензии во Персискиот Залив. Според Wall Street Journal, ОАЕ за време на конфликтот наводно извеле таен напад врз Иран како одговор на иранските удари врз емиратска инфраструктура. Наводно, цел на нападот бил иранскиот остров Лазан, непосредно пред стапувањето во сила на примирјето на 7 април.
Овие информации дополнително ги зголемија стравувањата дека ОАЕ би можеле да станат уште поважна цел на Техеран доколку примирјето пропадне и повторно избувне директен конфликт меѓу САД и Иран. Доналд Трамп во понеделникот изјави дека прекинот на огнот „виси на конец“, обвинувајќи го Иран дека одбива компромиси околу нуклеарната програма.
Инцидент во Кувајт дополнително ги зголеми тензиите
Во меѓувреме, Кувајт објави дека уапсил четворица мажи за кои тврди дека се припадници на Исламска револуционерна гарда. Кувајтските власти соопштија дека осомничените со рибарски брод се обиделе да се инфилтрираат на островот Бубијан со цел да извршат „непријателски активности“, при што бил ранет и еден кувајтски војник.
Иран ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека станува збор за припадници на крајбрежната стража кои поради дефект во навигацискиот систем случајно навлегле во кувајтски води.
Поделби меѓу арапските држави
По инцидентот, ОАЕ изразија поддршка за Кувајт, а иранскиот амбасадор бил повикан на разговор во кувајтското Министерство за надворешни работи. Во исто време, меѓу земјите од Заливот растат поделбите околу прашањето дали треба директно воено да му се одговори на Иран или да се избегнат чекори што би можеле да предизвикаат поширока регионална војна и да ја загрозат енергетската инфраструктура и трговијата преку Ормускиот Теснец.