Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли шпекулациите за сериозно нарушување на односите со американскиот претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека и покрај повремените разлики во пристапот, двајцата остануваат усогласени околу клучните безбедносни прашања, пред сѐ во однос на Иран. Во интервју за CNBC, снимено во неговата канцеларија во Ерусалим, Нетанјаху изјави дека меѓу него и Трамп нема расправија, туку повремени „тактички несогласувања“, кои се нормални меѓу блиски сојузници.
„Понекогаш, како во најдобрите семејства, имаме вакви тактички несогласувања. Секогаш наоѓаме начин да ги решиме и тоа го правиме како добри пријатели“, рече Нетанјаху.
Израелскиот лидер нагласи дека со Трамп имаат заедничка позиција околу најважните прашања, особено во спречувањето на Иран да развие нуклеарно оружје и да претставува закана за Израел и регионот.
Не коментираше за наводните навреди
Нетанјаху одби да одговори на прашањата поврзани со медиумските извештаи дека за време на неодамнешен телефонски разговор Трамп наводно го нарекол „луд“ и употребил остар тон во обид да го убеди да избегне натамошна ескалација со Иран.
„Нема да навлегувам во детали“, кратко одговори израелскиот премиер.
Тој додаде дека комуникацијата со американскиот претседател е редовна и интензивна.
„Разговараме речиси секој втор ден“, рече Нетанјаху.
Шпекулации поради различни ставови за Иран
Изјавите доаѓаат во момент кога во американските и израелските медиуми се појавија информации за зголемени тензии меѓу Вашингтон и Ерусалим околу начинот на справување со Иран и можноста за понатамошни воени операции во регионот. Иако Белата куќа и израелската влада јавно продолжуваат да демонстрираат блиска соработка, последните случувања во Персискиот Залив и дипломатските напори за деескалација отворија прашања дали меѓу двајцата лидери постојат подлабоки разлики околу идните чекори.
Со денешната изјава, Нетанјаху се обиде да ги намали шпекулациите, испраќајќи порака дека стратешкото партнерство меѓу Израел и САД останува цврсто, и покрај повремените несогласувања околу тактиката.