Грчки воен авион Ф-4 Фантом се урна денеска за време на летачкиот програм на манифестацијата „Athens Flying Week“ во воздухопловната база Танагра во Грција. Судбината на двајцата пилоти, капетан и поручник, засега не е позната и во тек е опсежна потрага на теренот. Властите сè уште немаат официјална потврда дали екипажот успеал навреме да го активира системот за катапултирање пред ударот на леталото во земјата.
Несреќата се случила набрзо по почетокот на воздухопловниот настан, пред очите на стотици присутни граѓани. Очевидци на настанот изјавиле дека забележале чад од леталото непосредно пред тоа нагло да изгуби висина и да удри во тлото.
🚨 FULL VIDEO: The moment a Hellenic Air Force F-4E Phantom II crashed during a solo display at Athens Flying Week in Tanagra, Greece.
— XPRESS (@Xpress_24_7) September 5, 2026
The footage captures the aircraft’s final maneuver before impact.
No parachutes were visible in the immediate aftermath. The condition of the… pic.twitter.com/kUKXUIzgzR
Од силината на ударот трупот на авионот се преполовил, а на местото на несреќата веднаш избувнал пожар на две одделни локации. Организаторите веднаш го прекинале летачкиот дел од настанот и започнале евакуација на сите посетители од безбедносни причини.
На местото на падот веднаш се упатени 85 пожарникари со 23 возила, придружувани од два специјализирани тима и спасувачка единица. Во гаснењето на пожарот и пребарувањето на теренот се вклучени седум противпожарни авиони и четири хеликоптери.
Грчкиот министер за одбрана Никос Дендијас ги прекина своите официјални обврски во Солун и итно замина за Атина за да раководи со кризниот штаб. Спасувачките тимови сè уште немаат информации за состојбата на екипажот.
Американскиот ловец Ф-4 Фантом II е дел од вооружувањето на грчките воздухопловни сили уште од 1974 година, кога биле набавени првите летала во рамките на програмата „Peace Icarus“. Иако спаѓа во постарата генерација борбени авиони, флотата помина низ сеопфатна програма за модернизација на авиониката кон крајот на деведесеттите години.
Овие летала денес оперираат од воздухопловната база Андравида во рамките на 117-то борбено крило. Леталото со кое управуваат два члена на екипажот развива брзина од над 2.300 километри на час, а истрагата за причините за денешниот дефект и падот е во тек.