Непознат објект падна во Полска и остави кратер од 10 метри

Полските власти истражуваат пад на непознат објект во близина на украинската граница, кој оставил кратер од 10 метри. Во тек е истрага за неговото потекло.

Полските власти истражуваат пад на неидентификуван објект во близина на украинската граница, додека армијата ја засили воздушната одбрана поради руските напади врз западна Украина.

Полските власти спроведуваат истрага откако во текот на ноќта непознат објект паднал во близина на селото Тарнава-Колонија, на околу 75 километри од границата со Украина, оставајќи кратер со пречник од околу 10 метри.

Полицијата соопшти дека рано изутрина добила пријава за силна експлозија. На местото биле пронајдени кратер на нива и расфрлани фрагменти од засега неидентификуван објект. Причината за експлозијата сè уште не е утврдена.

Полскиот министер за одбрана Владислав Косинјак-Камиш изјави дека ноќта била исклучително тешка за системите за противвоздушна одбрана и дека надлежните служби работат на утврдување на потеклото на објектот.

Во исто време, Полска ги активирала своите борбени авиони за заштита на воздушниот простор, поради масовниот руски ракетен и дронски напад врз цели во западна Украина. Според полската армија, околу 3:40 часот бил забележан неидентификуван објект кој се движел кон запад, по што исчезнал од радарите. Воен хеликоптер ја лоцирал можната точка на удар во ненаселено подрачје.

Безбедносните и истражните активности продолжуваат, а властите засега не откриваат за каков објект станува збор. Дел од локалните жители изјавиле дека експлозијата била многу посилна од сè што досега доживеале.

е-Трн да боцка во твојот инбокс