Врховниот суд на Непал ѝ наложи на Владата да ги признае истополовите бракови

Врховниот суд на Непал донесе задолжителна пресуда со која владата се задолжува целосно да го признае бракот меѓу истополови парови, обележувајќи една од најзначајните одлуки за ЛГБТИ+ правата во историјата на земјата.
Фото: AllyProud, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Пресудата ја надградува претходната привремена одлука, која веќе овозможуваше делумно признавање, но со нецелосна законска заштита.

Судот наложи на владата да го ажурира граѓанскиот законик, кој сè уште дефинираше брак исклучиво како заедница меѓу маж и жена, и да обезбеди целосна еднаквост во пристапот до брак за парови од родово и сексуално малцинство. Судот ги отфрли и сите контра-барања со кои се обидувало да се блокира правото на брак за ЛГБТИ+ паровите.

Ова е четврта голема одлука на Врховниот суд во последните речиси две децении која ги потврдува правата на родовите и сексуалните малцинства во Непал. Активистот за човекови права, Сунил Бабу Пант, кој е и основач на организацијата „Синиот дијамант”, ја опиша пресудата како „историска пресвртница за еднаквост, достоинство и човекови права во Непал”. Тој додаде дека таа „потврдува дека паровите од родово и сексуално малцинство имаат право на еднаква законска заштита”.

Организацијата истакна дека десетици истополови парови веќе склучиле брак под привремениот систем на регистрација, но недостигот на целосно национално законодавство создавал несигурност, при што многу локални службеници одбивале да ги регистрираат браковите, тврдејќи дека нема закон кој ги обврзува да го сторат тоа. Оваа пресуда конечно ја отстранува таа правна празнина.

Непал со ова останува пред сите останати земји во Јужна Азија по прашањето на ЛГБТИ+ правата, и станува трета земја во Азија, по Тајван и Таиланд, која формално ги признава истополовите бракови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс