Тесните грла во поморскиот транспорт, драстичните намалувања на производството во рафинериите и празнењето на резервите за чие обновување ќе бидат потребни години, ќе ги задржат глобалните цени на нафтата на високо ниво и по завршувањето на оваа година, предупредија раководителите на водечките нафтени компании на конференција во Лондон.
Почетокот на војната на САД и Израел против Иран кон крајот на февруари доведе до фактичко затворање на Ормутскиот Проток од страна на Техеран, што го прекина извозот низ едно од најважните поморски тесни грла во светот. Ситуацијата дополнително се влоши со нападите врз нафтената и гасната инфраструктура, што го закочи производството и го наруши извозот на сурова нафта и рафинирани горива.
„Мислам дека нè очекува вистински хаос до крајот на годината, а веројатно и во 2027 година“, истакна извршниот директор на „Petronas“, Тенгку Мухамад Тауфик.
Во своето прво обраќање на конференција од почетокот на војната со Иран, Амин Насер, главен извршен директор на најголемата нафтена компанија во светот „Saudi Aramco“, изјави на Форумот „Energy Intelligence“ во Лондон дека за пополнување на светските залихи, испразнети како итна мерка, може да бидат потребни и до две години.
„Сè додека Ормутскиот Проток не биде целосно отворен и не се врати довербата, суровата реалност е дека притисокот на двата краја од барелот само ќе се зголемува. Дури и тогаш, надополнувањето на резервите паралелно со задоволувањето на побарувачката би можело да трае до две години“, изјави Насер, појаснувајќи дека терминот „двата краја на барелот“ се однесува и на суровата нафта и на рафинираните деривати како дизелот и авионското гориво.
Тој додаде дека од почетокот на конфликтот се изгубени 3 милијарди барели, а 1 милијарда барели веќе се повлечени од светските резерви.
Недостиг од шест милиони барели гориво дневно
Шеикот Наваф Ал-Сабах, извршен директор на „Kuwait Petroleum Corporation“, нагласи дека главниот фокус сега е испораката на повеќе рафинирани горива на глобалните пазари и враќање на рафинериите на Блискиот Исток во полн капацитет, со оглед на тоа што последиците од војната создадоа глобален дефицит од 6 милиони барели рафинирани производи дневно.
„Во светот едноставно нема доволно рафинериски капацитети за да се надомести она што е затворено во Персискиот Залив“, рече Ал-Сабах.
И покрај прекините предизвикани од конфликтот, извозот на сурова нафта од Кувајт годинава се одржува на околу 1 милион барели дневно, иако производството падна од околу 2,6 милиони на 2 милиони барели на ден, информираше Ал-Сабах.
Закрепнувањето на побарувачката дури по следната година
Претседателот на одборот на „ConocoPhillips“, Рајан Ленс, оцени дека глобалната побарувачка на нафта, која забележа пад поради актуелната криза, би можела да закрепне дури во 2028 или 2029 година, по што би продолжила да расте.
Според него, долниот праг на цената за американската нафта WTI ќе се искачи на околу 70 долари за барел, со просечна циклична цена меѓу 65 и 70 долари. Доколку цените останат високи, американското производство на нафта би можело да надмине меѓу 14 и 14,5 милиони барели дневно.
Фјучерсите за нафтата „Брент“ на берзите се тргуваа нешто над 100 долари за барел, додека американската нафта WTI достигна ниво блиску до 90 долари за барел.
