Двајца новинари, компромитирачка снимка и моќни луѓе кои сакаат вистината да остане скриена. Од оваа премиса тргнува филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“, дебитантското режисерско остварување на Срѓан Јаниќијевиќ, кое вечерва ќе ја има македонската премиера во Битола.
Проекцијата е дел од свеченото затворање на 47. ИФФК „Браќа Манаки“, на кое ќе бидат доделени и наградите „Камера 300“.
Филмот носи комбинација од политички трилер и црна комедија, а во центарот на приказната се новинарството, моќта на информацијата и обидот да се зачува личниот интегритет во средина во која границата меѓу политиката, криминалот и медиумите речиси исчезнува.
Приказната започнува со појавата на видео кое може сериозно да го загрози автократскиот режим. Двајца новинари се вплеткуваат во потрага во која секој чекор може да има последици, а времето станува нивен најголем непријател.
Нарацијата намерно не оди по класичен хронолошки редослед. Настаните се преклопуваат, перспективите се менуваат, а публиката постепено открива дека во оваа игра информацијата е моќ, а туѓата тајна може да стане најскапата валута.
Идејата за филмот е на Јаниќијевиќ, додека сценариото е на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Главните улоги ги играат Никола Ристановски и Дарја Ризова, заедно со Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски.
Зад камерата се Дејан Димески како директор на фотографија и Мартин Иванов како монтажер. Музиката ја потпишува Игор Василев Новоградска, продукцискиот дизајн е на Иван Бартлинг, костимите на Лидија Георгиева, а дизајнот на звукот на Дарко Спасовски.
Остварувањето е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, а продукцијата е на „Ново македонско видео“ и „Њу момент“. Извршен продуцент е Сашо Пешев.
Со премиерата на филмот ќе заврши годинешното издание на „Браќа Манаки“, фестивал кој и оваа година во Битола ги собра филмските автори и професионалците од светот на кинематографијата.