Новата средба на Читачкиот клуб во КСП Центар-Јадро ќе биде посветена на книгата „Хиперполитика: Екстремна политизација без политички последици“ од историчарот и политички теоретичар Антон Јегер.
Средбата ќе се одржи на 29 септември, во вторник, со почеток во 19 часот, а во фокусот на разговорот ќе биде парадоксот на современото општество – политиката е присутна насекаде, додека способноста на граѓаните за трајно и заедничко дејствување станува сè послаба.
Јегер во книгата го анализира јазот меѓу секојдневната политичка возбуда и вистинските општествени промени. Луѓето постојано коментираат, споделуваат содржини, се расправаат и краткотрајно се мобилизираат околу нови неправди и скандали, но ваквите реакции ретко создаваат одржливи политички последици.
Авторот оваа состојба ја поврзува со атомизацијата на општеството и слабеењето на колективниот живот, синдикатите, политичките партии, здруженијата и секојдневните врски меѓу луѓето. Оттука произлегува и централното прашање на книгата: каде и на кој начин може повторно да се изгради способноста за заедничко размислување, организирање и дејствување?
На средбата ќе се разговара за осаменоста, политичкиот гнев, краткотрајните мобилизации и можностите за создавање нови форми на организирање. Учесниците ќе можат да ги споделат и сопствените искуства со заедниците на кои им припаѓаат или чувствуваат дека им недостигаат.
Антон Јегер докторирал историја на Универзитетот во Кембриџ, а работел и како постдокторски истражувач на Универзитетот во Левен. Негови текстови се објавувани во „Њујорк тајмс“, „Гардијан“ и „Њу лефт ривју“.
Читачкиот клуб на Центар-Јадро се реализира во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје.