Граѓаните на Гостивар уште од 14 јули масовно се јавувале на лекар поради проблеми со стомакот, а епидемија беше прогласена дури пет дена подоцна. Иако мострите покажале неисправна вода во Гостивар, ниту една здравствена институција навремено не ги предупредила жителите за ризикот. Досега се регистрирани над 4.000 случаи, а вчера било хоспитализирано уште едно дете.
Според официјалната статистика од Министерството за здравство, симптомите со стомачни проблеми, дијареа и повраќање кај гостиварци започнале да се шират уште на 14 јули. Меѓутоа, епидемија беше прогласена дури на 19 јули.

Само на 14 јули во Општата болница во Гостивар се евидентирани 164 прегледи, а во Здравствениот дом уште 160, односно вкупно 324 пациенти за еден ден. Приливот на болни продолжил да расте и следниот ден. На 15 јули помош побарале 456 лица, два дена пред Агенцијата за храна и ветеринарство официјално да ја забрани водата за пиење и за техничка употреба.
Министерот за здравство Сашо Клековски потврди дека две од земените мостри покажале отстапувања и укажувале на неисправна вода. И покрај тоа, ниедна здравствена институција не ја известила јавноста навреме за опасноста.
Бројот на прегледи продолжил да расте. На 16 јули се регистрирани 381 пациент. На 17 јули, кога обвинителството започна предистрага и беа земени мостри од водоводната мрежа загадена со фекалии, лекарска помош побарале 572 лица.
Највисок број заболени е забележан на 18 јули, со вкупно 649 прегледи за 24 часа. Бројот на нови случаи започнал да паѓа дури откако беше воведена забраната за користење на водата.
Досега се евидентирани вкупно 4.070 случаи, од кои епидемиолошка анкета е спроведена кај 523 граѓани. Вчера беа регистрирани уште 125 први прегледи на лица со симптоми, а едно дете е хоспитализирано во болница.