Научниците од Универзитетот Колумбија спровеле истражување во реални животни услови за да утврдат дали недостигот од 90 минути сон навечер, во текот на шест седмици, влијае на телесната тежина на учесниците.
Студијата вклучила 95 возрасни лица постари од 20 години, од кои 76 отсто биле жени, а се одвивала во нивните домови, во две фази. Во едната фаза учесниците ги задржале вообичаените навики за спиење, обезбедувајќи си препорачаните 7 до 9 часа сон по ноќ. Во другата фаза, сонот им бил намерно скратен за околу 90 минути, преку легнување 90 минути подоцна од вообичаено. Секоја фаза траела шест седмици, со пауза меѓу нив, а сонот и физичката активност биле следени преку уреди кои учесниците ги носеле.
Податоците покажале дека учесниците во фазата со ограничен сон спиеле во просек скоро 80 минути помалку. До крајот на таа фаза, учесниците во просек качиле околу 0,45 килограми, и поминувале повеќе време во неактивност отколку во фазата со нормално траење на сонот. Истражувачите наведуваат дека овие резултати сугерираат дека хроничниот недостиг на сон, дури и во помали количини, со текот на времето може да доведе до значителен пораст на телесната тежина. Авторите на студијата напоменуваат дека наодите се ограничени со големината на примерокот и траењето на истражувањето.
Повеќето студии сугерираат дека за здравjeто идеално е да се спие помеѓу седум и девет часа секоја ноќ. Недостигот на сон и лошиот квалитет на спиење се поврзани со пократок животен век и зголемен ризик од висок крвен притисок, срцеви заболувања, дијабетес, мозочен удар и депресија.
Еден од главните механизми зад ова е зголемувањето на воспалителните процеси во телото. Ако целта е одржување на здрава тежина, се препорачува редовна физичка активност, комбинација на кардио вежби и вежби за сила, како и подобрување на квалитетот на сонот преку смирувачка вечерна рутина, помалку изложеност на екрани пред спиење, и легнување во исто време секоја вечер.